Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, денеска оствари протоколарна средба со амбасадорката на Република Словачка во Република Северна Македонија, Ивета Хрицова.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу двете земји, како и подготвеноста за унапредување на соработката во областите на социјалната политика, демографијата и младите.
Соговорниците разговараа за демографските трендови кои во Северна Македонија покажуваат континуирано намалување на наталитетот, негативен природен прираст, стареење на населението и засилена емиграција на млади и работоспособни кадри. Како и нивното влијание во создавањето на долгорочни предизвици за пазарот на труд, пензискиот систем, регионалниот развој и социјалната кохезија.
На средбата беше констатирано дека и Северна Македонија и Словачка се соочуваат со европски трендови на стареење на населението и пад на наталитетот.
Министерот Лимани зборуваше за заложбите на Владата и Министерството кон креирање на политики насочени кон поддршка на семејствата, младите, социјалната сигурност и задржување на човечкиот капитал, како и на унапредување на меѓународната соработка и размена на добри европски практики во областа на демографските политики.
Соговорниците разменија мислења за актуелните предизвици и можностите за заеднички активности и иницијативи земајќи предвид дека Словачка, како членка на ЕУ, има развиени механизми за семејна политика, регионален развој и задржување на работната сила, што може да биде основа за размена на добри практики и институционална соработка.