Државниот секретар на министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу учествуваше на официјалното отворање на Националниот младински форум насловен „Тука сме за да останеме“, во организација на Асоцијација за здравствена едукација и истражување - ХЕРА, поддржан од Регионалната канцеларијa за младинска соработка - RYCO, Националниот младински сојуз на Македонија – НМСМ, Амбасадата на Сојузна Република Германија и Министерството за социјална политика, демографија и млади. На настанот учествуваа и градоначалници на локални самоуправи и претставници на младински и граѓански организации.
На настанот беше потпишана Младинска декларација со заедничка порака за младинско учество и градење мир.
Во своето обраќање пред присутните државниот секретар Сабриу се осврна на статистиките, според кои над 50% од младите луѓе во нашата земја размислуваат за заминување во странство. Тој се осврна и на фактот дека невработеноста кај младите, иако намалена, сè уште е еден од нашите најголеми предизвици, а процентот на млади кои се вклучени во носењето одлуки на локално ниво е едноцифрен.
„Ние сме една од ретките земји во регионот која го донесе Законот за младинско учество и младински политики. Тоа не е само закон – тоа е алатка која гарантира дека секоја општина мора да издвои буџет за младите, дека мора да формира локални младински совети и да отвори младински центри. Тоа е успешна политика која ВИЕ ја изборивте. Погледнете ја мерката за Младински додаток – директна поддршка за младите кои работат во производство, политика која покажува дека државата може и мора да застане зад младите работници. Промените се случуваат, чекор по чекор,“ порача Сабриу.
Државниот секретар посочи дека со Младинската декларација за инклузивно владеење и градење мир, младите испраќаат порака до Министерството за социјална политика, демографија и млади, до RYCO и до целата јавност.
„Оваа декларација вели: Ние не сме само корисници на политиките. Ние сме нивните архитекти,“ порача Сабриу.