Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Сабриу: Заеднички градиме систем на поддршка за најранливите категории граѓани

Сабриу: Заеднички градиме систем на поддршка за најранливите категории граѓани

Министерството за социјална политика, демографија и млади, во соработка со Амбасадата на Австрија во Република Северна Македонија, денес одржа работилница на која беа презентирани 25 проекти за пилотирање на нови социјални услуги, насочени кон унапредување на поддршката и грижата за најранливите категории граѓани.

Проектите, поддржани од австриската амбасада во партнерство со Министерството, претставуваат значаен чекор во развојот и проширувањето на мрежата на социјални услуги во државата, со фокус на иновативни, достапни и локално ориентирани решенија кои одговараат на реалните потреби на граѓаните.

На настанот се обрати државниот секретар во Министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу, кој истакна дека партнерството со австриските институции претставува пример за заедничка посветеност кон создавање поинклузивен и похуман социјален систем.

„Социјалната трансформација се случува најблиску до луѓето — во заедниците, преку директна вклученост, иновативни пристапи и преку работата на професионалците и граѓанските организации кои секојдневно придонесуваат поддршката да биде подостапна, похумана и поефикасна“, порача Сабриу.

Тој нагласи дека справувањето со сиромаштијата и бездомништвото, унапредувањето на пристапот до здравствени услуги, превенцијата од родово базирано насилство, како и поддршката на социјалната еднаквост и учеството на заедниците, се прашања кои се во самото јадро на современиот социјален систем.

Во своето обраќање, државниот секретар потенцираше дека институциите, граѓанскиот сектор и меѓународните партнери мора да дејствуваат координирано, како дел од еден заеднички екосистем на социјална поддршка.
„Граѓанските организации се незаменлив дел од тој екосистем. Нивната близина до заедниците и директното разбирање на потребите на луѓето им овозможуваат да стигнат таму каде што формалните системи често не можат“, истакна Сабриу.

Министерството за социјална политика, демографија и млади останува посветено на развој на социјални системи што се подостапни, повеќе засновани во заедницата и поодговорни на реалните и променливи потреби на граѓаните. Во таа насока, продолжуваат заложбите за проширување на географската опфатеност на социјалните услуги, развој на иновативни модели на поддршка и јакнење на капацитетите на професионалците во социјалната заштита.

Заедничката цел останува јасна — изградба на систем кој ќе обезбеди навремена, достапна и достоинствена поддршка за сите граѓани, особено за најранливите категории.

Од страна на Министерството беше упатена  искрена благодарност до Амбасадата на Австрија во Република Северна Македонија и до сите партнерски организации за континуираната доверба, поддршка и заедничка посветеност кон градење посилно, поинклузивно и похумано општество.

Мени за пристапност