Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани реализираше билатерална средба со министерката за здравство и социјална благосостојба на Република Албанија, Евис Сала.
На средбата се разговараше за продлабочување на соработката во областа на социјалните политики и заштитата на ранливите категории граѓани. Беа разменети искуства за реформите во социјалната заштита, со посебен акцент на подобрување на квалитетот на услугите, поддршката за децата, лицата со попреченост и семејствата во ризик, како и процесот на деинституционализација – во кој Северна Македонија веќе постигна значаен напредок.
На средбата стана збор и за зајакнување на системите за заштита на децата, инвестициите во раниот детски развој, како и за заедничките напори во борбата против насилството врз жените и унапредување на родовата еднаквост.
Посебен фокус беше ставен на дигитализацијата на социјалните услуги, како и на предизвиците и можностите во креирањето ефективни демографски и младински политики.
Страните искажаа заедничка подготвеност за унапредување на билатералната соработка, вклучително и преку организирање на технички средби и можност за потпишување Меморандум за разбирање.
Заедничките пораки беа во насока на продолжување на градење на партнерства што носат реални придобивки за граѓаните.