Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Одржана првата работилница за развој на Национален акциски план за Европска гаранција за деца

Одржана првата работилница за развој на Национален акциски план за Европска гаранција за деца

Државниот секретар на Министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу, како Национален координатор на Европската гаранција за деца денеска ја отвори и водеше првата работилница за развој на Националниот акциски план за Европската гаранција за деца. 

Владата на Република Северна Македонија ценејќи дека детската сиромаштија бара интегрирани политики, а Европската гаранција за деца (ЕГД) обезбедува стратешка рамка за справување со актуелните предизвици воспостави Национален комитет на високо ниво, како и работна група на техничко ниво за изработка на Националниот акциски план за Европска гаранција за деца 2026–2030 (ЕГДНАП), а назначи и Национален координатор за ЕГД кој ќе го предводи овој процес.

Во своето воведно обраќање, Сабриу нагласи: „Како Влада, целосно сме свесни дека воведувањето на Европската гаранција за деца бара идентификување на слабостите во системот, отстранување на пречките и прилагодување на услугите за подобро да одговорат на потребите на најранливите деца и нивните семејства. Истовремено, свесни сме дека реформите мора да бидат реални, одржливи и усогласени со националните приоритети и капацитети. Затоа, Националниот акциски план треба да се фокусира на конкретни и остварливи мерки кои ќе донесат видливи подобрувања во животот на децата. Овој процес е тесно поврзан и со нашите пошироки стратешки цели, вклучително и зајакнување на социјалната и детска заштита, подобрување на пристапот до квалитетни услуги и во другите сектори и напредок на нашиот пат кон европска интеграција,“ посочи Сабриу.

Тој изрази  благодарност до УНИЦЕФ за континуираната поддршка и партнерство, до Европската унија како и до сите институции и партнери кои придонесуваат процесот.

Со поддршка на УНИЦЕФ, беше направена сеопфатна анализа со цел поуспешно да се идентификуваат децата кои се најмногу изложени на ризик и структурните бариери кои продолжуваат да го ограничуваат правичниот пристап до услугите. Анализата ги опфати најранливите категории, меѓу кои  деца кои живеат во сиромаштија, деца Роми, деца со попреченост, деца без родителска грижа, деца во судир со законот, деца кои растат во сложени семејни околности и децата од руралните средини.

Денешната работилница беше клучна за усогласување на очекувањата и дефинирање на следните чекори, но истовремено претставува и почеток на поинтензивна фаза на работа. Во наредниот период, клучниот фокус ќе биде на собирање предлози од засегнатите страни. 

На работилницата беше нагласено обезбедувањето на широка и суштинска вклученост на институциите на национално и локално ниво, давателите на услуги, граѓанскиот сектор, како и самите заедници и семејства кои се директно засегнати. И како што нагласи координаторот, Сабриу „само преку инклузивен и координиран пристап можеме да обезбедиме Акциски план кој е реален, применлив и навистина одговара на потребите на најранливите деца.“

Мени за пристапност