Со измените и дополнувањата на Законот за регистар на задолжително социјално осигурување и Законот за системот за проценка на лица со попреченост, во надлежност на Министерството за социјална политика, демографија и млади, се зајакнува ефикасноста при остварување на правата и обврските кои произлегуваат од задолжителното социјално осигурување, како и оние од системот за проценка на лица со попреченост согласно меѓународни стандарди.
Целта на измените и дополнувањата на Законот за регистар на задолжително социјално осигурување е во насока на подобрување и унапредување на новиот систем на регистрација на осигурениците во задолжителното социјално осигурување, преку прецизирање и појаснување на правните одредби на законот.
Со направените измени се прецизира дека регистрацијата (пријавата, промена и одјава) во системот на задолжително социјално осигурување, обврзникот за пресметка и уплата на придонесите за задолжително социјално осигурување, покрај преку овластени регистрациони агенти (адвокати, сметководители или овластени сметководители), може да ја врши сам за себе во својство на регистрационен агент. Се доуредуваат одредбите со кои се уредува ажурирањето на податоците во случај кога има не совпаѓање на податоците содржани во Регистарот за задолжително социјално осигурување со податоците на другите институции кои се изворник на тие податоци и обратно, со тоа што се дозволува само институцијата изворник на податокот да може да врши промена на своите податоци, додека другите институции ги ажурираат тие податоци во своите евиденции. Осигуреникот има право да биде известен за секоја извршена промена на неговите податоци во Регистарот на задолжително социјално осигурување и ќе може самиот да ги пријави во Управата за водење на Регистарот сите неточни податоци кои ќе ги забележи при увид или добивање на потврда за податоците од Регистарот на задолжително социјално осигурување. Се уредува во кои случаи и во кој рок може да се врши промена на пријавените податоци и кои грешки ќе се сметаат за технички грешки во регистрацијата. Согласно законските измени, се зајакнува инспекцискиот надзор, кој ќе го врши Државниот инспекторат за труд и Државниот Управен инспекторат, од аспект и во рамките на своите надлежности.
Во однос на Законот за системот за проценка на лица со попреченост, донесен во 2023 година за прв пат прашањата поврзани со вршење проценка заради утврдување на функционалност кај лицата со попреченост се уреди на системски начин, поставувајќи основа за едноставна, ефикасна и економична организација (подготовката и спроведувањето) на проценките на лица со попреченост.
Целта на донесување на измената на законот и примената на законот се постигнување на следните цели:
- побрзо воспоставување и функционирање на системот за проценка преку задржување на досегашната институционална поставеност кај проценките на одредени категории лица со попреченост;
- вршење на проценка на попреченост врз основа на национална методологија, која ќе ја предлагаат две ресорни министерства и ќе ја носи Владата на Република Северна Македонија и која се заснова на меѓународни документи во областа и ќе опфаќа различни аспекти;
- обезбедување пристапност во процесите на лиценцирање на стручни лица и сертифицирање на обучувачи за лицата со попреченост и
- зголемување на бројот на стручни лица кои вршат проценки преку овозможување на лицата кои поминале стручна обука и полагале испит организирани од Министерството за социјална политика, демографија и млади, пред започнувањето со примената на законот да се стекнат со лиценца за стручно лице по сила на закон, како и преку овозможување обучувачите да вршат проценка на попреченост.
Со законските измени се зајакнува институционалната рамка и се обезбедува поефикасен и поправеден систем за сите граѓани.
Линкови до документи:
https://portal.mdt.gov.mk/post-body-files/zakoni-mstp-file-n7z6.pdf
https://portal.mdt.gov.mk/post-body-files/zakoni-mstp-file-jq34.pdf