Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Државниот секретар Сабриу од Букурешт: Интегрираното водење на случај е мост меѓу политиките и реалниот живот на граѓаните

Државниот секретар  Сабриу од Букурешт: Интегрираното водење на случај е мост меѓу политиките и реалниот живот на граѓаните

Државниот секретар на Министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу како дел од делегацијата предводена од министерот Лимани учествува на тридневна регионална конференција во Букурешт, Романија.

Сабриу,  се обрати на конференцијата посветена на темата „Од рамка до акција: Градење посилни, поинклузивни и интегрирани социјални услуги“, каде говореше на панелот за развивање и спроведување на интегрирано водење на случај.

Во своето обраќање, тој  истакна дека во Република Северна Македонија водењето на случај не се третира само како методолошка алатка, туку како суштинска системска промена во начинот на кој државата ги препознава и поддржува граѓаните во ризик.

„Нашата цел е системот да биде навистина ориентиран кон човекот – кон неговите реални потреби, достоинство и потенцијали. Интегрираното водење на случај ни овозможува холистички пристап, силна меѓуинституционална соработка и реални, мерливи промени во животот на корисниците“, нагласи Сабриу.

Тој подвлече дека реформата на системот на социјалната заштита, започната во 2019 година, се темели на три столба: холистички пристап кон услугите, засилена координација меѓу институциите и воспоставување систем на супервизија и поддршка на професионалците.

Во изминатите години, Министерството значително инвестираше во обуки и јакнење на човечките капацитети. Над 1.400 стручни работници од центрите за социјална работа, центрите за вработување и други институции беа обучени за интегрирано водење на случај, а беа развиени прирачници, стандарди и методологии на повеќе јазици.

Посебно беше истакнат принципот „еден стручен работник – едно домаќинство“, кој придонесува за намалување на секундарната виктимизација и зголемување на ефикасноста и квалитетот на услугите.

„Интегрираните социјални услуги не се можни без интегрирано водење на случај. Ова е мостот меѓу политиките и реалниот живот на граѓаните. Инвестицијата во овој пристап е инвестиција во човечкото достоинство, во професионалците и во довербата во институциите“, порача Сабриу.

Конференцијата во Букурешт собра претставници од институции, меѓународни организации и експерти од регионот, со цел размена на искуства и унапредување на современи, инклузивни социјални политики.

Мени за пристапност