Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, денеска учествуваше на осумнаесеттиот пленарен состанок на Секторската работна група во областите образование, вработување и социјална политика. На состанокот учествуваа и ресорните министри за образование и наука, Весна Јаневска, и за економија и труд, Бесар Дурмиши, државниот секретар во Министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу, претставници на Делегација на Европската Унија, УНИЦЕФ, Амбасада на Швајцарија и претставници на институциите.
Во своето обраќање пред присутните, министерот Лимани ја нагласи заедничката посветеност кон реформите во областа на вработувањето, образованието и социјалната политика, како клучна инвестиција за подобар животен стандард на граѓаните.
„Демографските промени остануваат сериозен предизвик, поради што Министерството е во финална фаза на подготовка на мерките за демографска ревитализација 2026–2046, насочени кон поддршка на семејствата и подобрување на квалитетот на живот“, рече Лимани.
Тој се осврна и на мерките за зајакнување на социјалната и детската заштита преку зголемување на дел од детските надоместоци, воведување универзален детски додаток, инвестиции во ран детски развој, проширување на капацитетите на градинките и поддршка за децата со попреченост.
„За подобрување на достапноста на социјалните услуги, денес функционираат 165 лиценцирани даватели на услуги за повеќе од 7.600 корисници“, информираше Лимани.
Министерот ја истакна и заложбата за продолжување на спроведувањето на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030 и подготовката на Законот за социјално домување, со цел обезбедување поголема поддршка за ранливите категории граѓани. Потоа зборуваше и за континуираното зголемување на пензиите и подготовката на реформи за поголема сигурност на пензискиот систем.
Во делот на младинските политики, ја посочи подготовката на новиот Акциски план 2026–2027 за поддршка на младите во образованието, вработувањето и учеството во носењето одлуки, како и можноста за воведување Европска младинска картичка.
Лимани истакна дека родовата еднаквост останува приоритет на Министерството, преку мерки за поголема економска вклученост на жените и подготовка на Националната стратегија за превенција и заштита од родово-базирано и семејно насилство 2026–2033.
„Нашата заедничка цел е да изградиме систем што обезбедува сигурност, можности и подобар животен стандард за секој граѓанин. Само преку партнерство, координација и заедничка посветеност можеме да постигнеме одржливи резултати“, заврши Лимани.