Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Се забрзува трансформацијата на три установи за социјална заштита- стануваат современи центри за социјални услуги во заедницата

Се забрзува трансформацијата на  три установи за социјална заштита- стануваат современи центри за социјални услуги во заедницата

Државниот секретар на министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу, шефицата на кабинет Флутра Калиси и претставници на министерството, на институциите од социјална заштита и проектниот тим  кои работат на проектот „Подготвителни активности за трансформација на јавните институции за обезбедување на социјални услуги во заедницата”, финансиран од Европската Унија одржаа работен состанок во врска со имплементацијата на истиот. Работната средба беше со цел да се презентираат социјални услуги во контекст на  реформите и процесот на деинституционализација на трите јавни установи за социјална заштита: 25 Мај во Скопје, Специјалниот завод во Демир Капија и Заводот за заштита и рехабилитација – Бања Банско.

Согласно Националната стратегија за деинституционализација „Тимјаник“ 2018–2027  приоритет и фокус на министерството е процесот на преминување од традиционален модел на големи резиденцијални установи, со поддршка на  ЕУ, овие три установи за социјална заштита ќе  прераснат во современи центри кои ќе обезбедуваат социјални услуги во заедницата согласно потребите на  поединецот,  семејството и заедницата.

Воедно покрај спроведените анализа и дефинирањето на социјалните услуги, во рамки на овој проект, како следна фаза,  е предвидено да се изработи проектна документација за архитектонски, градежни и технички интервенции со кои ќе се овозможи прилагодување на објектите на трите установи за социјална заштита  во обезбедување на социјални услуги. 
 
Во врска со трансформацијата на Јавната ЈУ Завод за заштита и рехабилитација „Бања Банско“, Струмица и негово прераснување во Регионален центар за рехабилитација и поддршка се планира да се воспостават четири клучни социјални услуги кои обезбедуваат сеопфатна поддршка за лицата со попреченост и нивните семејства. Услугата за рехабилитација и реинтеграција треба да  понуди медицинска, психосоцијална и професионална рехабилитација преку мултидисциплинарен тим, додека дневниот престој ќе овозможи згрижување, едукација и окупациски активности за деца и возрасни. Услугата за одмена на семејна грижа ќе обезбеди привремено згрижување и одмор за семејствата кои се грижат за лица кои имаат потреба од постојна грижа. Дополнително, е планирано  да се развиваат и  услугите за живеење со поддршка.

Со трансформацијата на ЈУ Специјален завод Демир Капија во Центар за поддршка, грижа и интеграција во установата се предлага воспоставување на интегриран пакет социјални услуги кои обезбедуваат континуирана грижа за лица со попреченост и стари лица. Дневниот престој ќе овозможи згрижување, едукативни и терапевтски активности, додека живеењето со поддршка за стари лица, односно вон-семејна социјална заштита ќе функционира во мали, семејни единици за поттикнување автономија и достоинствено стареење. Дополнително, се предвидува дневен центар за активно стареење и услуга за одмена на семејна грижа, кои ќе спречат социјална изолација и директно ќе овозможат поддршка на членовите на семејствата и други даватели на услуги во остварување на нивните лични  и професионалните потреби. Професионалната рехабилитација, која би опфатила и економски активности ќе придонесе за развој на работни и социјални вештини, обезбедувајќи поголема вклученост во заедницата и на пазарот на труд.

Преку трансформација на ЈУ за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение – Скопје (порано позната како „25 мај“) во Центар за превенција, ресоцијализација и поддршка – центар за деца,  се предлага воспоставување специјализирани услуги за заштита и поддршка на деца во ризик, кои опфаќаат привремен престој за деца на улица, интервенции за малолетници со изречена воспитна мерка и итно сместување на деца во висок социјален ризик согласно Законот за правда за децата за спроведување на мерката „упатување во Центар за деца“. Услугите обезбедуваат безбеден престој, психосоцијална стабилизација, образовна поддршка, терапевтски активности и 24-часовна грижа таму каде што е потребно. Дополнително, советувалиште за деца во ризик и нивните родители со цел рана интервенција, индивидуална и групна терапија, како и семејна поддршка за зајакнување на родителските капацитети.  Планирани се и мулти-функционални и спортски капацитети со цел овозможување сеопфатна, безбедна и стимулативна средина за развој и рехабилитација на децата.

Министерството останува посветено на создавање одржлив, хуман и инклузивен систем на социјални услуги што ги става граѓаните во фокус и ја зајакнува заедницата.

Мени за пристапност