Државниот секретар на министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу и претставници на министерството заедно со Фондацијата за демократија на Вестминстер и други меѓународни партнери и присуство на младински организации, го промовираа Одделението за истражување на области од интерес на младите – Истражувачкиот центар, во состав на Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Во своето обраќање пред присутните Сабриу потенцираше дека младите се во фокусот на Програмата за работа на Владата и на Министерството каде што јасно се потенцира силната посветеност во создавањето на општество во кое младите ќе можат да напредуваат. Тој посочи дека за да се креираат успешни политики, не се доволни само добри намери, туку потребни се податоци, анализи и релевантни истражувања.
„Токму затоа Министерството ја препозна потребата од систематски пристап кон креирање младински политики базирани на податоци и релевантни истражувања. Новоформираниот Истражувачки центар има задача да обезбеди аналитичка и стручна поддршка во креирањето политики за млади. Ова не е само административна структура, туку механизам за поврзување на науката, граѓанскиот сектор и институциите. Во партнерство со Фондацијата за демократија на Вестминстер и други меѓународни партнери, активно ги градиме капацитетите на Истражувачкиот центар – и во делот на човечки ресурси, и во делот на методологија, истражувачки алатки и материјални ресурси. Нашата цел е Истражувачкиот центар да стане референтна точка за младински истражувања во државата,“ истакна Сабриу.
Тој истакна дека истражувањата ќе обезбедат подобро разбирање на причините за миграција кај младите и креирање мерки за нивно задржување во државата. Како и дека, анализата на демографските движења ќе помогне да се предвидат идните потреби на пазарот на труд и да се адаптираат образовните и економските политики согласно реалните состојби.
„Во овој процес, младинските организации, организациите за млади, мрежите на младински организации и организациите кои спроведуваат истражувања поврзани со младите се наши стратешки и главни партнери. Затоа ги повикувам сите организации што спроведуваат истражувања активно да се вклучат во процесот на соработка и размена на податоци. Ќе работиме на воспоставување заедничка национална база на податоци за истражувања поврзани со младите, која ќе биде достапна преку веб-страницата на Министерството. Истражувањата спроведени од граѓанскиот сектор ќе бидат интегрирани и видливи, со што ќе создадеме транспарентен и достапен систем на знаење, корисен за сите чинители,“ рече Сабриу.
Паралелно со тоа, Министерството обезбедува финансиска поддршка за зајакнување на младинското учество и младинските политики, истражувачките иницијативи и проектите што директно придонесуваат за подобрување на положбата на младите.
Министерството за социјална политика, демографија и млади, во партнерство со релевантните чинители, го изработи и новиот Акциски план за млади 2026–2027, кој е во процедура на усвојување и се очекува во краток рок да биде официјално донесен. Овој документ ќе биде водилка за заедничко делување во наредниот период.