Министерството за социјална политика, демографија и млади, со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, организира серија јавни дебати на тема: „Национална стратегија за превенција и заштита од родово базирано насилство врз жени и семејно насилство 2026-2033 со Акциски план 2026-2029“, со цел да се отвори стручна и инклузивна дискусија за предложениот Нацрт текст од Национална стратегија и Акцискиот план.
На јавната дебата која што се одржа во Штип, присуствуваше и заменик министерот Ѓоко Велковски кој што нагласи дека Стратегијата е резултат на институционална одговорност, меѓуресорска соработка и свесност и дека борбата против насилството бара долгорочен, системски и решителен пристап.
„Со неа воспоставуваме стабилна рамка за превенција, рана идентификација, ефикасна заштита на жртвите и јасна одговорност на сите институции во системот. Нашата цел е јасна – да изградиме функционален систем што нема да реагира само по настанување на насилството, туку ќе делува превентивно, ќе ги препознава ризиците навреме и ќе обезбедува координирана и професионална поддршка за секоја жртва,“ посочи Велковски.
Велковски истакна дека, очекувањата се излагање на конструктивни предлози и активен придонес од сите засегнати страни, затоа што како што нагласи „само преку инклузивен и транспарентен процес можеме да донесеме стратегија што ќе даде реални и мерливи резултати“.
„Министерството останува целосно посветено оваа стратегија да не остане само на хартија, туку да се преточи во конкретни политики и видливи промени во животот на граѓаните,“ порача Велковски.
На јавните дебати учествуваат претставници од локалните институции и тоа: координатор и заменик координатор за Еднакви можности на Единиците на локалните самоуправи и Градот Скопје, претставници од центрите за социјални работи, претставници од полицијата, здравствени институции, Граѓански суд, Јавно обвинителство и претставници од невладин сектор што работат за спречување, заштита и поддршка на жртвите родово базирано насилство врз жени и семејно насилство во околниот регион.
Јавни дебати се одржаа во општините Тетово и Штип вклучително со околните општини и населени места, а денеска се одржува во Скопје.