Државниот секретар на министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу учествуваше на работна средба на службениците за млади на локално ниво посветена на темата: „Млади, мир и безбедност“, во рамки на проектот „Млади за инклузија еднаквост и доверба“. На настанот учествуваа претставници на Агенциите на ООН во земјава, УНДП, УНФПА, НАЛАС, ЗЕЛС и други учесници.
Во рамки на настанот се дискутираше за клучната улога и важноста на младинските службеници во локалните заедници.
„Како Министерство за социјална политика, демографија и млади, искрено веруваме дека младите не треба да бидат гледани само како корисници на политики, туку како активни партнери во процесите на носење одлуки. Токму затоа, улогата на службениците за млади е исклучително важна — вие сте директната врска помеѓу институциите и младите луѓе во локалните заедници,“ порача Сабриу.
Оваа дискусија претставува продолжение на работата од минатата недела, кога Министерството, во одлична соработка со UNDP, UNFPA и NALAS, организираше интензивна обука за подигнување на капацитетите на овие службеници.
Државниот секретар зборуваше за целта на оваа заложба – изградба на цврсти мостови помеѓу младите и локалната самоуправа.
„Младинските службеници се точката на контакт и движечката сила која обезбедува потребите и идеите на младите да бидат слушнати во секоја општина. Продолжуваме посветено да работиме за поактивна младина,“ порача Сабриу.