Државниот секретар на Министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу учествуваше на дискусија посветена на предизвиците и приоритетите за управување со миграциските политики и соработка со дијаспората.
Настанот беше организиран од Фондација за демократија на Вестминстер (WFD) во рамките на проектот „Циркуларна миграција и реинвестирање во Северна Македонија“, поддржан од Шведска. Целта беше идентификување добри практики за унапредување на политиките, зајакнување на институционалната координација и креирање можности за инвестирање од дијаспората.
Во своето воведно обраќање, државниот секретар Сабриу ги истакна приоритетите во работата на Министерството, нагласувајќи дека демографските предизвици, миграциските текови и социјалната кохезија бараат партнерство.
Тој посочи дека Владата и Министерството го поставија демографскиот развој како врвен стратешки приоритет за периодот 2024–2028 година. Со експертска поддршка од УНФПА започнат е интензивен процес на подготовка на Стратегија за демографски развој и отпорност.
„Новата Стратегија, која е во финална фаза, ги поврзува економијата, социјалната политика, образованието и миграцијата во единствен, долгорочен развоен модел до 2044 година “, истакна Сабриу.
Тој јасно ја дефинираше визијата на Министерството: „Да создадеме општество кое е демографски избалансирано, економски просперитетно, социјално кохезивно и подготвено за предизвиците на иднината.“
Во обраќањето беа истакнати и планираните активности во делот на интеграција на странци и реинтеграција на повратници од дијаспората.
Сабриу информираше дека се планира воспоставување Инфо-центар за интеграција – сервисна точка за сите што се враќаат. Центарот ќе обезбедува поддршка при започнување бизнис, пристап до грантови за квалификувани повратници, олеснување на административните процедури и поврзување со институциите.
„Дополнително, ќе развиеме дигитална платформа за пријавување и комуникација со повратниците – затоа што модерната држава мора да биде достапна, брза и ефикасна“, додаде Сабриу.
Своето обраќање го заврши со порака дека политиките што се спроведуваат се насочени кон поддршка на реинтеграцијата, признавање на знаењата стекнати во странство, создавање перспектива за младите во земјата и градење општество во кое, како што истакна, заминувањето нема да биде нужност, туку избор.