Министерот за социјална политика, демографија и млади ја отвори работилницата со стручните служби посветена на унапредување на меѓусекторската соработка и координираното постапување со децата на улица, со фокус на заштитата на нивните права и спречувањето на детското питачење, злоупотреба и експлоатација.
На работилницата беше истакнато дека заштитата на децата е заедничка одговорност и бара континуирана координација и соработка меѓу сите надлежни институции.
Министерството веќе спроведува координирани теренски активности во соработка со Министерството за внатрешни работи, Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Скопје и другите надлежни институции. Преку заеднички мобилни тимови се врши идентификација на децата на улица, проценка на нивните потреби и ризици, како и утврдување на семејните и социјалните околности.
Посебен акцент се става на индивидуалната работа со секое дете и неговото семејство, обезбедувањето соодветна социјална заштита, вклучувањето во образовниот систем и пристапот до здравствени и социјални услуги. Значајна улога во овој процес има и Дневниот центар за деца на улица, кој обезбедува стручна, едукативна и советодавна поддршка за децата и нивните семејства.
Паралелно, се работи и на надминување на причините за детското питачење преку поддршка на семејствата, остварување на правата од социјална заштита и вклучување на возрасните членови во активните мерки за вработување.