Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Отворени нови занимални во градинката „Гоце Делчев“ во Општина Илинден, со капацитет за 50 деца

Отворени нови занимални во градинката „Гоце Делчев“ во Општина Илинден, со капацитет за 50 деца

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, заедно со градоначалникот на Општина Илинден, Александар Ѓорѓиевски, и пратеничката Драгана Бојковска, денеска ги отворија новите занимални во ЈОУДГ „Гоце Делчев“ во Општина Илинден, кои од утре ќе започнат со прием на деца.

Со новите занимални, чиј капацитет е за околу 50 деца, се прошируваат постојните капацитети за згрижување и воспитување на најмладите, а воедно се создаваат подобри услови за нивниот престој и развој.

Ова е уште една инвестиција во унапредувањето на условите во детската градинка, по отворањето на новата централна кујна пред само неколку месеци. Инвестицијата во новите занимални е целосно реализирана од Општина Илинден.

Во рамки на активностите, уреден и опремен е и повеќенаменски простор наменет за стручниот, воспитно-згрижувачкиот кадар и останатите вработени во градинката. Просторот ќе овозможи подобри услови за подготовка и реализација на дневните воспитно-образовни активности, работа на проекти, како и подобрување на благосостојбата на вработените.

При посетата беше отворена и подрачната канцеларија на Центарот за социјална работа Гази Баба, лоцирана во просториите на Општина Илинден. Канцеларијата ќе им овозможи на жителите на општината полесен пристап до услугите и поддршката од областа на социјалната заштита, без потреба за патување до седиштето на Центарот.

Министерството за социјална политика, демографија и млади продолжува со активности насочени кон унапредување на системот за социјална заштита, проширување на капацитетите за згрижување деца и создавање поквалитетни и подостапни услуги за граѓаните.

Мени за пристапност