Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, заедно со градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денеска го пуштија во употреба реконструираниот објект „Ѕвездички“, кој ќе функционира во рамки на ЈОУДГ „8 Март“, во Потстаница, населба Драчево.
Објектот, кој претходно беше во руинирана состојба, е целосно реконструиран и адаптиран за потребите на детската градинка, со цел обезбедување современи и соодветни просторни услови за престој и згрижување на децата од предучилишна возраст.
Реконструкцијата и пренамената на објектот се реализирани со средства од Буџетот на Општина Кисела Вода, додека опремувањето е обезбедено од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади, преку Светска банка.
Со ставањето во функција на овој објект се обезбедува капацитет за згрижување на 40 деца, со можност за дополнително зголемување на капацитететот.
Оваа инвестиција претставува значаен придонес во унапредувањето на условите за предучилишно згрижување и воспитание на децата, како и во зголемувањето на достапноста на услугите за згрижување на децата во Општина Кисела Вода.
Во насока на продолжување на активностите за проширување на капацитетите во предучилишната заштита, во наредниот краток период се очекува да биде отворена и новата детска градинка во населбата Расадник, која ќе има капацитет за згрижување на повеќе од 100 деца.
Со овие активности продолжува заложбата за создавање подобри услови за најмладите, поддршка на семејствата и рамномерен развој на капацитетите за детска заштита.