Министерството за социјална политика, демографија и млади, претставувано од министерот Ѓоко Велковски, Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), претставувана од претседателот Орце Ѓорѓиевски, и Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), претставуван од генералниот секретар Мариана Ангелова, во рамки на „Средбата за вмрежување и партнерство за локално младинско учество“, потпишаа Меморандум за соработка со кој ја потврдуваат својата поддршка за воспоставување и развивање на Мрежата на службеници за млади.
Соработката е насочена кон воспоставување и развивање на Мрежата на службеници за млади, како механизам за поврзување, поддршка, размена на искуства и професионален развој на службениците кои работат на прашања поврзани со младите на локално ниво.
Меморандумот ја утврдува заедничката определба на страните за создавање функционален механизам за поддршка на службениците за млади и не создава финансиски обврски за која било од страните, освен доколку тие не бидат посебно договорени во текстот на Меморандумот.
На настанот учествуваа претставници на единиците на локалната самоуправа, службеници за млади и младински организации, со цел унапредување на меѓусебната координација, размена на искуства и создавање поефикасни механизми за поддршка на младите во локалните заедници.
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, ја истакна важноста од континуирана соработка меѓу централната и локалната власт и младинскиот сектор, нагласувајќи дека успешните младински политики треба да се темелат на реалните потреби на младите и да создаваат конкретни можности за нивно учество.
„Нашата задача не завршува со креирањето политики, стратешки документи и законски решенија на национално ниво. Вистинскиот резултат се гледа во нивната примена на терен и во тоа дали носат конкретна промена во животот на младите“, порача министерот Велковски.
Со воспоставувањето на Мрежата на службеници за млади се создава механизам за поврзување на професионалците кои работат со младите на локално ниво, како и простор за размена на искуства и добри практики, професионално учење, меѓусебна поддршка и заедничко изнаоѓање решенија за предизвиците со кои се соочуваат младите.
Мрежата ќе придонесе и кон подобра комуникација меѓу Министерството и единиците на локалната самоуправа, овозможувајќи потребите и искуствата од локално ниво да бидат земени предвид при креирањето и спроведувањето на младинските политики.
Потпишувањето на Меморандумот меѓу Министерството за социјална политика, демографија и млади, ЗЕЛС и НМСМ претставува заедничка определба за поддршка на воспоставувањето и развивањето на Мрежата на службеници за млади и зајакнување на соработката на локално ниво.
„Младите треба да бидат слушнати, нивните идеи да бидат препознаени, а нивното учество да биде реално и суштинско, а не само формално. Нашата задача е да создадеме локални средини во кои младите ќе чувствуваат дека се важен дел од заедницата и дека имаат можност со своето знаење, енергија и иницијативи да придонесат кон нејзиниот развој“, истакна Велковски.
Министерството за социјална политика, демографија и млади останува посветено на градење функционален систем за поддршка на младите и на развивање партнерства со локалната самоуправа и младинскиот сектор.
Воспоставувањето на Мрежата на службеници за млади и потпишувањето на Меморандумот се значаен чекор кон посилна координација, подобра институционална поддршка и создавање повеќе можности за младите во локалните заедници.