Министерството за социјална политика, демографија и млади обезбеди ослободување од партиципација на децата Роми кои што се во социјален ризик преку потпишување на 21 договор со локалните заедници и предучилишните установи.
Земајќи предвид дека образованието во раното детство игра клучна улога во развојот на децата и има значајни позитивни социо-економски ефекти врз целото општество, министерството го имплементира проектот „Инклузија на деца Роми во предучилишно образование“, во соработка со Ромскиот Образовен Фонд од Будимпешта, со УНИЦЕФ, Единиците на локална самоуправа и Јавните општински установи-детски градинки.
Цел на проектот е отстранување на бариерите за пристап до предучилишни установи на деца Роми на возраст од 3 до 6 години, инклузија на децата и нивна социјализација како и зајакнување на свеста кај нивните родители за важноста на раниот детски развој и образованието на нивните деца.
Во текот на овие 18 години од имплементацијата на проектот беа вклучени бесплатно над 5.000 деца од ромската етничка заедница во 20 општини, беа ангажирани 20 негувателки Ромки кои работеа со овие деца и го олеснуваа процесот на интеграцијата на ромските деца во детските градинки во соработка со 17 ромски медијатори. Важно е да се напомене дека ромските деца не беа сместени во сегрегирани групи во градинките, туку во интегрирани групи заедно со децата од другите заедници кои живеат во Република Северна Македонија.
Од 2019 година со препорака на Владата се имлементира преку системски пристап со вклучување на Единиците на локална самоуправа преку Одлука на Советот на Општините за ослободување од партиципација на родителите на децата Роми кои што се во социјален ризик и нивниот престој е обезбеден со средства кои што ги доделува Министерството за социјална политика, демографија и млади за општините.
Овој проект од страна на Ромскиот Образовен Фонд е оценет како еден од најуспешните проекти одобрен од Бордот на Ромскиот Едукативен Фонд.
Во секој Извештај за Прогресот на Република Северна Македонија на Европската Комисија, Проектот е посочуван како успешен модел за зголемување на нивото на образование кај ромската популација. Проектот придонесе нашата држава да се издвои од сите земји на Западен Балкан со најголем број на вклучени деца од Ромската етничка заедница во сите нивоа на образование.
Вложувањето во образованието на децата Роми е од суштинско значење и придонесува кон побрза интеграција на Ромската заедница во општеството.