Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, учествуваше на Четвртиот Самит на албанската дијаспора, кој се одржа во Тирана, Република Албанија.
Во своето обраќање, на панел дискусијата на тема: „Локален и рурален развој – дали постои улога за дијаспората?“, министерот Лимани истакна дека Самитот претставува значајна платформа за размена на идеи, искуства и визии за унапредување на соработката со дијаспората, како и за зајакнување на врските со граѓаните кои живеат надвор од државата. Тој нагласи дека настанот не е само формален собир, туку обединување на луѓе кои, и покрај географската оддалеченост, се поврзани со силно чувство на припадност.
Министерот посочи дека дијаспората, не треба да се гледа само како бројка, туку како суштински дел од општеството, економијата и иднината на државата.
Во таа насока, тој ја истакна важноста од градење функционална и двонасочна врска меѓу институциите и дијаспората.
Лимани информираше дека Владата на Република Северна Македонија, е во завршна фаза на подготовка на нова Стратегија за соработка со дијаспората 2026–2030, придружена со конкретен Акциски план и јасно дефинирани обврски за институциите. Целта, како што нагласи, е дијаспората да ја препознае државата како сигурен партнер, особено при донесување одлука за враќање во земјата.
Во обраќањето беше потенцирана и потребата од системски пристап кон прашањето на миграциите, при што се најавува подготовка на Закон за управување со миграции и нова Стратегија за реинтеграција на повратници од дијаспората. Во рамки на овие политики, ќе се имплементираат сеопфатни мерки за олеснување на враќањето, вклучително и:
- Административна и правна поддршка преку едношалтерски систем („one-stop-shop“) за повратници, кој би овозможил брз пристап до информации и услуги поврзани со документи, државјанство, осигурување и признавање на странски дипломи;
- Економска и вработувачка поддршка преку програми за самовработување, грантови, даночни олеснувања и советување за претприемништво, со цел искористување на стекнатите знаења и искуства од странство;
-Образовна и културна интеграција, преку адаптациони програми за деца и млади, дополнителна настава, психосоцијална поддршка и активности за поттикнување на чувството на припадност;
-Социјална и здравствена заштита, со обезбедување олеснет пристап до социјални услуги и здравствено осигурување;
-Локална интеграција, преку ангажирање на општините во процесот на прифаќање на повратници и вклучување во локалните развојни иницијативи.
Дополнително, министерот најави дигитализација на услугите и подобрување на комуникацијата меѓу институциите, со цел поефикасно остварување на правата на граѓаните во странство.
Посебен акцент беше ставен на младите и предизвикот со нивното иселување.
Лимани истакна дека преку Националната стратегија за млади 2023–2027 и новиот Акциски план 2026–2027, се креираат политики за поттикнување на младинското претприемништво, мобилност и вклучување во процесите на донесување одлуки, како и за враќање на знаењето и искуството стекнато во странство.
„Дијаспората не е само економски ресурс – таа е мост на знаење, култура и идентитет. Нашата цел не е само луѓето да се вратат, туку тие да сакаат да се вратат“, порача министерот Лимани.
На крајот, тој ја нагласи важноста од регионалната соработка, посочувајќи дека заедничките иницијативи меѓу Северна Македонија и Албанија придонесуваат за создавање подобри услови за младите и за одржлив развој на регионот.