Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денеска оствари работна посета на Општина Куманово, во рамки на која посети неколку установи и организации од областа на социјалната и детската заштита, со посебен фокус на унапредувањето на инклузијата и поддршката на лицата со попреченост.
Во рамки на посетата, министерот ја посети ЈОУДГ „Ангел Шајче“ – Куманово, објектот „Пчелка“, каде што беа отворени дефектолошките кабинети. При посетата, тој се запозна со условите за работа, активностите и стручната поддршка што ќе им биде обезбедена на децата со попреченост, но и со можностите за унапредување на грижата и развојот на сите деца.
Целта е градинките да бидат места во кои децата со попреченост ќе ја добијат потребната грижа и поддршка, а сите деца ќе растат, учат и се развиваат во средина на прифаќање, еднаквост и меѓусебна почит.
Во рамки на посетата на Општина Куманово, министерот учествуваше на панел-дискусијата на тема „Животот со попреченост – предизвици, поддршка и инклузија“, организирана од Здружението Регионален центар за лица со интелектуална попреченост „Порака Наша“ – Куманово, во соработка со Општина Куманово и Министерство за социјална политика демографија и млади.
На панел-дискусијата се отворија прашања поврзани со секојдневните предизвици со кои се соочуваат лицата со попреченост и нивните семејства, потребата од достапни и квалитетни услуги, институционалната поддршка, како и унапредувањето на инклузијата и еднаквите можности во општеството.
Работната посета заврши со посета на Центарот за социјална работа во Куманово, каде што министерот се запозна со тековното функционирање, активностите и предизвиците во работењето на установата.
Преку ваквите непосредни посети и средби со институциите и здруженијата, Министерството продолжува да ги следи состојбите на терен, да ги идентификува потребите и предизвиците и да работи на унапредување на системот на социјална заштита, со посебен акцент на достапноста на услугите, поддршката на ранливите категории граѓани и градењето инклузивно општество за сите.