Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Министерот Ѓоко Велковски: Демографската отпорност е клучна за одржлива иднина на сите генерации

Министерот Ѓоко Велковски: Демографската отпорност е клучна за одржлива иднина на сите генерации

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, присуствуваше на настанот „Дијалог за јавни политики: Демографските предизвици поврзани со стареењето на населението и социо-економските импликации во Северна Македонија“, посветен на едно од клучните прашања за долгорочниот развој на државата.

Во своето обраќање, министерот Велковски истакна дека демографските промени, нискиот наталитет, миграцијата и стареењето на населението имаат директно влијание врз пазарот на трудот, одржливоста на социјалниот и пензискиот систем, како и врз квалитетот на животот на граѓаните.

Тој нагласи дека демографската политика претставува долгорочен национален приоритет, кој бара координиран пристап, јасна визија и конкретни мерки, со цел создавање услови младите да ја гледаат својата иднина во сопствената држава, семејствата да имаат сигурност, а повозрасните граѓани да живеат достоинствено и безбедно.

Во таа насока, министерот ги истакна клучните приоритети на Министерството, меѓу кои се финализирањето и усвојувањето на Стратегијата за демографска отпорност 2026–2046 и Акцискиот план 2026–2031, како и подготовката на нов Закон за поддршка на родителството. Посебен акцент беше ставен на унапредувањето на поддршката за родителите и семејствата, подоброто усогласување на работниот и семејниот живот, создавањето перспективи за младите и развивањето достапни услуги за грижа и поддршка на повозрасните лица.

„Нашата цел не е само да одговориме на демографските промени, туку да создадеме услови граѓаните да ја гледаат својата иднина во сопствената држава“, истакна Велковски, нагласувајќи ја важноста од партнерство меѓу институциите, општините, истражувачката заедница и меѓународните партнери.

Настанот се организира во рамките на регионалниот истражувачки проект посветен на демографските предизвици и нивните социо-економски импликации во Западен Балкан, кој го спроведува Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), со поддршка на Француската развојна агенција (AFD). Проектот опфаќа три земји – Северна Македонија, Албанија и Босна и Херцеговина – и ги истражува влијанијата на стареењето на населението, намалувањето на наталитетот и миграциските движења врз економскиот развој, пазарот на трудот, пензискиот систем, социјалната и здравствената заштита и достапноста на јавните услуги.

Министерството за социјална политика, демографија и млади останува посветено на креирање долгорочни, одржливи и инклузивни политики што ќе придонесат за демографска отпорност, посигурна иднина за младите и семејствата и достоинствен живот за сите генерации.

Мени за пристапност