Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани денеска учествуваше на официјалната доделување на сертификати за социјални ментори, настан кој што се реализира во рамките на проектот „Социјално менторство за активирање на пазарот на труд на корисниците на Гарантирана минимална помош“, во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги, при Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Во своето обраќање пред присутните, Лимани истакна дека сертификацијата на социјалните ментори значи многу повеќе, дека тоа претставува значаен чекор во унапредувањето на системот на социјална заштита и активација во нашата држава.
„Овој процес не претставува само формално признание за нивната посветеност и стекнато знаење, туку и потврда дека вложуваме во луѓе кои директно ќе придонесат за поголема вклученост, поддршка и мотивација на најранливите категории граѓани. Социјалните ментори имаат важна улога – да бидат поддршка, водич и мост помеѓу институциите и корисниците, со цел полесна интеграција на пазарот на труд и поголема социјална вклученост,“ посочи Лимани.
Министерот истакна дека особено е важно што преку овој пилот проект се создадале нови практики и механизми за индивидуален пристап кон корисниците, согласно нивните реални потреби и потенцијали.
„Ова е уште еден доказ дека со координирана институционална поддршка можеме да постигнеме поквалитетни и поодржливи резултати. Нашата цел останува јасна – да изградиме систем кој не само што обезбедува социјална заштита, туку и активно ги охрабрува граѓаните кон поголема самостојност и вклученост,“ рече Лимани.
Тој изрази уверување дека искуствата и резултатите од овој пилот проект ќе бидат добра основа за понатамошно унапредување и проширување на услугите за активација.
На сите сертифицирани ментори, министерот Лимани им честиташе и им посака многу успех во понатамошната работа.
Настанот беше можност да се споделат личните искуства и успеси на менторите кои придонесуваат за вистински промени во животите на луѓето со акцент на ранливите категории.