Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани учествуваше на конференција во организација на УНИЦЕФ и Асоцијацијата на специјални едукатори и рехабилитатори, на која беа претставени наодите и препораките од анализата на услугите за децата со попреченост, како значаен чекор кон унапредување на системот на поддршка на оваа категорија деца.
Во своето обраќање до присутните, Лимани, истакна дека конференцијата претставува важен момент во заедничката заложба за градење достапен, правичен и функционален систем на поддршка за децата со попреченост. Тој нагласи дека анализата е резултат на посветена и систематска работа на Асоцијацијата на специјални едукатори и рехабилитатори, во партнерство со УНИЦЕФ и професионалците кои секојдневно ја спроведуваат функционалната проценка.
Министерот потенцираше дека целта на анализата е да обезбеди објективна и стручна основа за унапредување на услугите и политиките што државата е должна да ги обезбеди за децата со попреченост и нивните семејства.
„Поддршката на децата со попреченост е сложен и мултисекторски процес. Затоа е неопходно преку јасни политики, зајакнати капацитети и подобрена координација меѓу институциите да обезбедиме квалитетни, навремени и одржливи решенија“, истакна Лимани.
Тој додаде дека анализата се очекува да понуди јасен преглед на состојбите на терен и да ги идентификува клучните области за унапредување, особено во делот на достапноста и квалитетот на услугите, нивната финансиска одржливост и човечките ресурси, како и да понуди реални и изводливи препораки засновани на практично искуство.
Министерот Лимани нагласи дека Владата ја презема одговорноста препораките од анализата да се преточат во конкретни политики и мерки, но дека успехот ќе зависи од заедничката посветеност и активна соработка на сите чинители – општините, здравствените и образовните институции, граѓанските и родителските организации.
Во своето обраќање, министерот упати благодарност до УНИЦЕФ за континуираната стручна поддршка, до експертската заедница за професионалниот пристап, како и до граѓанските и родителските организации за нивната клучна улога во креирањето подобар систем на поддршка за децата со попреченост.
Конференцијата претставува простор за отворен дијалог и конкретни решенија, со цел унапредување на инклузивните политики и обезбедување подобар квалитет на живот за децата со попреченост и нивните семејства.