Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Лимани: Повратниците не се товар – тие се потенцијал за развој на државата

Лимани: Повратниците не се товар – тие се потенцијал за развој на државата

Во Владата на Република Северна Македонија денеска се одржа Форум со повратници од странство, во организација на Владата и Агенцијата за иселеништво, на кој се обрати министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани.

Во своето обраќање, министерот Лимани истакна дека настанот има длабоко лична димензија за него, бидејќи и самиот поминал дел од животот како азилант во Швајцарија. Тој нагласи дека искуството на заминување, неизвесност и адаптација е заедничко за многу повратници, но дека одлуката за враќање е чин на храброст и верба во татковината.

„Повратниците не се товар – тие се потенцијал. Секој што се вратил носи со себе знаења, работни навики, нови вештини и поинаква перспектива. Нашата задача како институции е да создадеме систем што ќе го препознае и ќе го искористи тој капитал“, истакна Лимани.

Министерот подвлече дека процесот на враќање не завршува на граница, туку токму таму започнува, преку обезбедување услови за вработување, социјална сигурност, пристап до услуги, образование за децата и чувство дека државата стои зад своите граѓани.
Тој информираше дека политиките на Министерството за социјална политика, демографија и млади се насочени кон поддршка на реинтеграцијата на повратниците, признавање на знаењата стекнати во странство, создавање перспектива за младите во земјата и градење општество во кое заминувањето нема да биде нужност, туку избор.

„Мојата лична приказна е доказ дека враќањето има смисла. Оваа држава има потреба од вас и од вашето знаење, искуство и енергија“, порача министерот Лимани, изразувајќи благодарност до сите повратници за храброста и довербата.

Министерството за социјална политика, демографија и млади посветено и координирано работи заедно со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, со Премиерот и со националниот координатор за демографија, млади и човечки ресурси во Владата, г-дин Владимир Ѓорчев, со јасна стратешка цел – јакнење на демографската отпорност и продлабочување на соработката со дијаспората.

Како резултат на оваа заедничка и координирана работа, во финална фаза се два клучни стратешки документи – Стратегијата за демографска отпорност и Стратегијата за соработка со дијаспората, со кои е отворен институционален и континуиран дијалог за реалните потреби на дијаспората, како и за нашите граѓани кои сакаме да ги вратиме и да им овозможиме полесна и побрза интеграција во матичната држава.

Во подготовка е нов системски Закон за управување со миграции и реинтеграција на повратници од дијаспората, кој ќе го формализира текот на миграциите, ќе ги дефинира можностите и придобивките за интеграција на повратниците и ќе биде проследен со посебна програма за реинтеграција, со конкретни бенефиции за претставниците на дијаспората кои ќе одлучат да се вратат во матичната земја, под јасно утврдени услови и во тесна соработка со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

На Форумот учествуваа и претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски, државни функционери, претставници на институции, како и бројни повратници од Европа, САД и Австралија, кои ги споделија своите лични приказни и искуства од процесот на враќање и реинтеграција во земјата.

Мени за пристапност