Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани денеска учествуваше на конференцијата „Трансформирање на системите за грижа во Северна Македонија преку инклузивен, родово одговорен пристап“, како дел од проектот на UN Women „ Трансформирање на системите за грижа за луѓето и планетата“ со финансиска поддршка од Обединетото Кралство и неговото Министерство за надворешни работи, Комонвелт и развој (FCDO).
На настанот учествуваа и Бесар Дурмиши, министер за економија и труд, Даниел Фајлер, вршител на должност во Британската амбасада во Скопје, Весна Ивановиќ-Кастаред, раководителка на канцеларијата на UN Women во Скопје, како и претставници од јавни институции и тела, универзитети и експерти во правото, економијата и социјалната политика, граѓански организации, синдикати и организации на работодавачи, дипломатската заедница и меѓународните партнери.
Во своето обраќање до јавноста, министерот Лимани истакна дека Северна Македонија прави значаен стратешки пресврт преку инвестирање во економијата на грижа.
„Инвестираме во услуги за помош и нега во домот, лична асистенција, социјални услуги во заедницата и предучилишно образование. Овие политики имаат двоен ефект – создаваат нови работни места и истовремено им овозможуваат на жените поголемо и поактивно учество на пазарот на труд. Северна Македонија останува цврсто посветена на визијата за општество кое се грижи за луѓето, затоа што само општество што инвестира во грижата може да гради одржлива, праведна и просперитетна иднина,“ истакна Лимани.
Конференцијата имаше за цел поттикнување на инклузивен дијалог базиран на докази за економијата на грижа, трансформацијата на системите за грижа и економското јакнење на жените, со фокус на идентификување конкретни приоритети, насоки на политиките и начини на финансирање за родово-одговорен и инклузивен систем на грижа во Северна Македонија. Понатаму, преточување на клучните европски и меѓународни добри практики во зајакнат систем за грижа во Северна Македонија, вклучувајќи ги Европската стратегија за грижа и искуствата од Форумот за грижа за Европа и Централна Азија. Како и зајакнување на соработката и координацијата меѓу сите релевантни чинители во унапредувањето на заедничките обврски и дефинирањето на заеднички патоказ за одржлива и инклузивна реформа на системите за грижа во Северна Македонија.
„Инвестирањето во грижата е инвестиција во луѓето, во семејствата и во иднината на државата. Со секоја нова градинка, со секој лиценциран негувател, со секоја нова услуга во заедницата, градиме општество во кое жените нема да мора да избираат помеѓу семејството и кариерата, туку ќе имаат еднакви можности да придонесуваат и да напредуваат,“ заклучи Лимани.