Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, денес се обрати на промотивниот настан на ОБСЕ „Од податоци до дијалог и акција“, на кој беа презентирани резултатите од истражувањето за онлајн и офлајн инциденти на насилство врз млади жени и девојчиња во јавниот живот.
Во своето обраќање, министерот Лимани истакна дека насилството врз жените и девојчињата претставува едно од најраспространетите и најсериозни кршења на човековите права, кое премногу често останува скриено, непријавено и премолчено. Тој нагласи дека особено загрижува насилството во јавниот простор и на интернет, каде што навредите, вознемирувањето, заканите и сексуалното вознемирување оставаат длабоки и долготрајни последици врз младите жени и девојчиња.
„Ниту една жена и ниту едно девојче не смее да живее со страв или да се откаже од своите соништа поради насилство. Насилството не е приватна работа, тоа е општествен проблем и заедничка одговорност“, порача министерот Лимани.
Тој потсети дека државата веќе презеде значаен чекор со донесувањето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, но потенцираше дека законите сами по себе не се доволни без нивна доследна и човечна примена. Клучна улога, како што нагласи, имаат сите професионалци во системот – полицијата, социјалните и здравствените работници, обвинителите и судиите – кои мора да постапуваат со емпатија, знаење и итност.
Министерот истакна дека молчењето не е опција и дека секоја пријава за насилство мора да се третира како приоритет, со должно внимание и координирана институционална реакција.
Отворајќи го настанот, амбасадорот Килиан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, ја нагласи важноста од претворање на истражувањата во долготрајно влијание.
„Кога настанува насилство, молчењето не е опција. Сите имаме одговорност да реагираме и пријавиме. Пријавите за насилство мора да бидат приоритет, а институциите се обврзани да делуваат со должно внимание“, истакна амбасадорот Вал.
Министерството за социјална политика, демографија и млади во моментов работи на подготовка на нова Стратегија за справување со насилството врз жените и семејното насилство 2026–2033, како и Акциски план 2025–2029, кои ќе обезбедат системски, координиран и долгорочен одговор на ова прашање.
Истражувањето истакнува дека значаен дел од младите жени се чувствуваат небезбедно на јавни места поради нивниот род, со ранливости обликувани од социоекономски фактори, образование и место на живеење. Тоа исто така укажува на ниската стапка на пријавување и потребата за подобрена координација, пристапност и доверба во одговорите на институциите.