Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Лимани: Инвестирањето во раниот детски развој е инвестирање во иднината на нашето општество

Лимани: Инвестирањето во раниот детски развој е инвестирање во иднината на нашето општество

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани заедно со амбасадорка на СР Германија, Петра Дрекслер и претставничката на УНИЦЕФ во Северна Македонија,  Лесли Милер ја посетија детската градинка „Младост–Риниа“ во Тетово, каде беше означен почетокот на националната иницијатива за интегрирање на учењето преку игра во раниот детски развој. 

Министерството за социјална политика, демографија и млади, во партнерство со УНИЦЕФ и со поддршка од Фондацијата за поддршка на деца „Плејмобил“ (Stiftung Kinderförderung von Playmobil), започнува иницијатива за интегрирање на пристапи базирани на игра во раниот детски развој во Северна Македонија.

Иницијативата ќе го зајакне учењето преку игра и родителството преку семејна поддршка и домашни посети, ќе ја подобри координацијата меѓу услугите за да се достигнат ранливите деца и ќе придонесе за развој на нова национална предучилишна програма која вградува учење преку игра. Исто така, ќе го зајакне капацитетот на воспитувачите во предучилишните установи за да ги применуваат овие методи базирани на игра во училницата.

Како дел од оваа иницијатива, сите јавни градинки добија сетови за игра и придружни совети за учење преку игра како поддршка за воспитувачите. Сетот содржи алатки за учење преку игра на теми како здрава исхрана, рециклирање, заштита на животната средина и еднаквост меѓу момчињата и девојчињата.

Во рамките на посетата, беа прикажани интерактивни активности со децата и воспитувачите, како и презентации на практики за учење преку игра во групи на македонски и албански јазик.

„Инвестирањето во раниот детски развој е инвестирање во иднината на нашето општество. Играта е јазикот на децата – преку неа тие учат, растат и се подготвуваат за живот“, изјави министерот Лимани.

„Играта има суштинско значење за учењето, здравјето и отпорноста на децата,“ изјави Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ и додаде: „Од најраните денови од животот, интеракциите преку игра го стимулираат развојот на мозокот и помагаат да се изградат сигурни емоционални врски. За децата од предучилишна возраст, играта претставува можност да ги истражат своите способности, да ја негуваат љубопитноста, да изградат самодоверба и да ги постават темелите за доживотното учење.“

Мени за пристапност