Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Државниот секретар Сабриу ги претстави клучните достигнувања во детската заштита за 2025 година во партнерство со УНИЦЕФ

Државниот секретар Сабриу ги претстави клучните достигнувања во детската заштита за 2025 година во партнерство со УНИЦЕФ

Државниот секретар на министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу учествуваше на Годишниот преглед за 2025 година и состанокот за планирање за 2026-2027 година, на активностите од програмата на Обединетите нации/УНИЦЕФ во Северна Македонија.

Во септември 2025 година, Владата на Северна Македонија и ОН потпишаа Рамка за соработка за одржлив развој на Обединетите нации 2026-2030, а Извршниот одбор на УНИЦЕФ ја одобри програмата на УНИЦЕФ за Северна Македонија 2026-2030.

Државниот секретар Сабриу се осврна на клучните достигнувања на државата во областите  кои се надлежност на министерството. Тој посочи дека, Министерството во партнерство со УНИЦЕФ и надлежните институции, во текот на 2025 година реализирало значајни реформи насочени кон унапредување на правата и благосостојбата на децата.

Тој истакна дека беше потпишан Меморандум за соработка за Рана интервенција во детството (РИД), со министерствата за здравство и образование и наука, со што се воспостави координиран, мултисекторски пристап во поддршката на најмладите деца и нивните семејства. Како и започнувањето на пилот-програмата за рана интервенција во Скопје, која веќе опфати 23 деца и нивните семејства.

Сабриу зборуваше за унапредувањето на стандардите за заштита на децата во алтернативна грижа преку нови политики, протоколи и практични упатства. Направена е сеопфатна анализа на социјалната служба и обучени се 20 академски и практични тренери за јакнење на компетенциите во комуникацијата со ранливи семејства.

„Во системот на згрижување, 50% од професионалците се стекнале со  специјализирани знаења за поддршка на згрижувачките семејства. Вклучени се 50 деца како младински застапници против онлајн насилството, а развиени се и алатки за безбедна дигитална средина. Усвоен е Националниот акциски план за детски права 2025–2029 и се презентирани препораки за воведување на Европската гаранција за децата, со пакет услуги за најранливите. Подготвени се законски измени за унапредување на проценките на попреченост, како и анализи за иновативно финансирање и проширување на ранoто детско образование и грижа,“ рече Сабриу.

Тој зборуваше за бројни процеси кои се во финална фаза – ново семејно законодавство, регулирање на семејно-центрираната ранa интервенција, процена на влијанието на функционалните проценки врз семејствата, како и анализа за достапноста на услуги за деца и млади со попреченост.

Во следните години, истакна Сабриу, фокусот ќе биде ставен на развој на Национален акциски план за Европската гаранција за деца, јакнење на социјалната служба, национално воведување на новите курикулуми за рано учење и обезбедување финансиски услови за воведување универзален детски додаток.

На крајот од своето обраќање во име на Министерството изрази благодарност до сите партнери за нивната посветеност, со порака дека заедничката работа продолжува со ист интензитет во корист на секое дете во Северна Македонија.

Мени за пристапност