Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, денеска учествуваше на Работниот комитет на Националната развојна стратегија 2024–2044, на тема „Демографија – трендови и предизвици“, во присуство на претставници од државните институции, дипломатскиот кор, академската заедница, приватниот сектор, меѓународните организации и граѓанскиот сектор.
На состанокот беа разгледани актуелните демографски трендови и предизвици, како прашање од суштинско значење за иднината на општеството и за постигнување на целите за одржлив развој. Министерот Лимани ја истакна важноста од координиран и инклузивен пристап, потенцирајќи отвореност за соработка и воспоставување одржлив механизам за комуникација меѓу сите релевантни чинители, со цел систематско разгледување на предлози и политики.
„Живееме во време на глобални трансформации, каде демографските промени, економските нееднаквости, климатските предизвици, дигитализацијата и миграциите силно влијаат врз општествениот развој. Демографските прашања не се повеќе само статистика – тие се директно поврзани со човековите права, социјалната правда и одржливиот развој,“ истакна Лимани.
Тој нагласи дека концептот на демографска отпорност подразбира способност на општеството навремено да ги препознае и да управува со промените, преку политики што ги ставаат луѓето во центарот. Во таа насока, посочи дека приоритет на Министерството е инвестирање во човечкиот капитал, особено во младите и семејствата, унапредување на системот за социјална заштита и развој на достапни и квалитетни социјални услуги.
Лимани се осврна и на иселувањето како еден од најголемите предизвици, особено кај младите, потенцирајќи дека политиките за миграција и повратни миграции се интегрален дел од стратегијата за демографска отпорност.
„Работиме на создавање услови за олеснета реинтеграција на повратниците и градење перспектива младите да ја планираат својата иднина во сопствената држава,“ рече тој.
Министерот информираше дека Владата на Република Северна Македонија го поставила демографскиот развој како врвен стратешки приоритет, при што е финализирана Националната стратегија за демографски развој и отпорност, со поддршка од УНФПА, Обединетите нации и широка експертска и институционална соработка. Документот е усогласен со Националната развојна стратегија 2023–2042 и со Рамката за соработка со Обединетите нации 2026–2030.
Паралелно, како што посочи, се работи и на подготовка на нов системски закон за управување со миграции и реинтеграција на повратници, базиран на современи европски искуства и практики.
„Нашиот пристап е јасен – долгорочната демографска и економска стабилност се гради преку политики што ги зајакнуваат правата, изборите и можностите на граѓаните,“ порача министерот Лимани.