Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Сабриу од Конференцијата на високо ниво во Загреб: Нашата заедничка одговорност е да обезбедиме ниту едно дете да не остане невидливо за системот

 Сабриу од Конференцијата на високо ниво во Загреб: Нашата заедничка одговорност е да обезбедиме ниту едно дете да не остане невидливо за системот

Државниот секретар на Министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу учествува на дводневна Конференцијата на високо ниво во Загреб, Република Хрватска.

На покана на министерот за труд, пензиски систем, семејство и социјална политика на Хрватска, Ален Ружиќ и директорката на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, Реџина Де Доминичис, Сабриу имаше можност  да ги претстави политиките на Северна Македонија на Конференцијата на високо ниво за Европската гаранција за деца.

Во своето обраќање истакна дека борбата против детската сиромаштија останува врвен приоритет на Република Северна Македонија.  

„Владата на Северна Македонија го постави намалувањето на детската сиромаштија и социјалната исклученост меѓу клучните приоритети во Националниот акциски план за правата на детето за периодот 2025–2029 година“, рече Сабриу.

Тој се осврна на спроведената анализа направена со поддршка на УНИЦЕФ, за воведување на Европската гаранција за децата во Северна Македонија, како и дека токму анализата овозможила полесна идентификација на  децата кои се најизложени на ризик, како и структурните бариери што го ограничуваат еднаквиот пристап до услугите во здравството, образованието и социјалната заштита.

„Децата идентификувани како најранливи вклучуваат деца кои живеат во сиромаштија, ромски деца, деца со попреченост, деца без родителска грижа, деца во судир со законот, деца кои растат во сложени семејни околности и деца од рурални средини“, рече Сабриу.

Државниот секретар Сабриу кој што е назначен за Национален координатор за Европската гаранција за деца, од Владата на Република Северна Македонија ги информираше  учесниците за конкретните чекори што се  преземаат, вклучително и формирањето на работната група за имплементација на оваа европска агенда во нашата земја. Меѓудругото ги посочи и приоритетните пакети на услуги за најранливите деца, со фокус на интегрирани локални услуги, рана интервенција, поддршка за ментално здравје, поддршка за семејствата и зајакната поддршка од заедницата.

„Нашата заедничка одговорност е да обезбедиме ниту едно дете да не остане невидливо за системот, исклучено од суштинските услуги или оставено зад себе поради сиромаштија, попреченост, етничка припадност, семејни околности или местото на живеење“, порача Сабриу од Загреб. 

Мени за пристапност