Државниот секретар во Министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу, денес учествуваше на 17-тиот состанок на Секторската работна група за образование, вработување и социјална политика, каде што ги претстави приоритетите и клучните процеси што Министерството активно ги спроведува.
Во своето обраќање Сабриу истакна дека темите како образование, достоинствено вработување, силна социјална заштита, одржлива демографија и родова еднаквост не се само дел од европската агенда, туку темел на општеството кое сакаме да го изградиме.
„Нашата цел е едноставна, но амбициозна – подобар животен стандард, динамична економија и општество во кое секој човек има еднаква, реална шанса да успее. Демографските предизвици не се само бројки, туку приказни за семејства, за младите кои размислуваат дали да останат дома. Затоа започнуваме сеопфатен процес за Мерки за демографска ревитализација 2026–2046, за да создадеме земја во која вреди да се живее и да се создава семејство,“ порача Сабриу.
Во рамките на презентираните приоритети, Сабриу информираше дека Владата веќе го усвои Националниот план за правата на детето 2025–2029, со кој значително се зајакнува системот за заштита на децата и се имплементира Европската гаранција за деца.
Како клучни приоритети на Министерството, Сабриу ги истакна:
-Подготовка на законски измени за јакнење на социјалните трансфери, вклучително и зголемување на дел од детските надоместоци и разгледување на воведување универзален детски додаток.
-Подобрен пристап до основни услуги за деца: квалитетна грижа во раното детство, бесплатни здравствени прегледи и лекови, и зголемување на капацитетите на градинките.
-Инклузивна поддршка за деца со попреченост со фокус на деинституционализација, семејна поддршка и развој на услуги во заедницата.
Сабриу информираше дека пристапот до социјални услуги е значително подобрен – денес функционираат 160 лиценцирани даватели, кои обезбедуваат услуги за над 5.200 корисници, а во Буџетот за 2026 е предвидено ново зголемување од 10% за сигурно и навремено финансирање.
Интегрираниот информациски систем за социјална заштита веќе работи во поголем дел од центрите, овозможувајќи поголема транспарентност, ефикасност и квалитет во работата.
Продолжува и финализирањето на Законот за професионална рехабилитација и вработување лица со попреченост, со кој за првпат се воведуваат задолжителни квоти за вработување во јавниот и приватниот сектор.
Министерството останува посветено и на имплементацијата на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030, како и на подготовката на Законот за социјално домување, со кој системски ќе се адресира потребата за безбеден дом.
Сабриу ги истакна и мерките за подобрување на условите на пензионерите. Како зголемување на пензиите за вкупно 5.000 денари во 2024 година и најавени нови зголемувања од по 1.000 денари во септември 2025 и март 2026.
Говорејќи за младите, Сабриу нагласи дека тие се најсилниот капитал на државата. Министерството подготвува нов Акциски план за Националната стратегија за млади, кој ќе ги обедини институциите, бизнисите и граѓанскиот сектор околу поддршката и развојот на младите.
Во делот на родовата рамноправност, се финализира Вториот акциски план за родова еднаквост 2025–2027, а се подготвува и новата Национална стратегија за превенција и заштита од родово-базирано насилство 2026–2033, бидејќи „секој човек, а особено секоја жена, мора да се чувствува безбедно“.
На крајот, Сабриу порача: „Ниту едно министерство не може само да ги реши сите предизвици. Но заедно – институциите, општините, граѓанскиот сектор, донаторите и заедницата – можеме да ја трансформираме државата. Нашата задача е јасна: да создадеме услови секој човек да го достигне својот потенцијал и да изградиме држава која не ја напуштаме, туку ја развиваме.“