Државниот секретар на Министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу ги претстави приоритетите на министерството за 2026 година, на настан организиран од страна на Организацијата на Обединетите Нации во Република Северна Македонија, под водство на претставниците на УНИЦЕФ (UNICEF) и Светската здравствена организација - СЗО (WHO) во земјата.
Државниот секретар Сабриу зборуваше за четири главни приоритети на министерството:
-Зајакнување на системите за заштита на децата и семејствата;
-Зајакнување на работната сила во социјалната заштита;
-Иновации во социјалните услуги и деинституционализација и
-Млади, инклузија и пристап.
Државниот секретар како особено важни во детската заштита ги посочи имплементацијата на Националниот акциски план за Европската гаранција за децата, воведување рана интервенција, воведување универзален детски додаток и зајакнување на управувањето со случаи во детската заштита и меѓусекторската координација.
Тој зборуваше за забрзување на деинституционализацијата и проширување на услугите во заедницата, како и развивање нови услуги за деца во ризик, жртви на злоупотреба, на родово базирано насилство, лица со траума и слично, но и зајакнување на механизмите за превенција и одговор на насилството.
Во областа на младите, лансирање на дигитална платформа за ментално здравје на млади поврзана со совети и онлајн кариерно советување, промовирање помошни технологии за поголема инклузија и пристапност, и проширување на пристапот до социјални и здравствени услуги преку телефонски, дигитални и хибридни модели.
Сабриу истакна дека овие приоритети ја одразуваат заедничката посветеност за изградба на општество во кое секое дете, секое семејство и секоја заедница може да напредува. Како и дека тие претставуваат одлучен чекор кон систем на социјална заштита кој е отпорен, инклузивен и насочен кон човечкото достоинство.
Тој ја поздрави посветеноста, поддршката и соработката на агенциите на ООН насочени кон социјалниот развој во нашата земја. Притоа, порача дека ваквото силно партнерство придонесува за креирање политики што носат одржливи промени за граѓаните, особено за младите и најранливите.