Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денес присуствуваше на свеченото отворање на Дневниот центар за престој на лица со попреченост со индивидуална работа „Ајнштајн“, заедно со градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменковска Трајковска.
Станува збор за современа и специјализирана социјална услуга наменета за индивидуална работа со деца и млади со различни развојни, интелектуални и говорни тешкотии. Центарот ќе обезбедува социјални услуги во заедницата – дневен престој и индивидуална поддршка за деца и лица со попреченост, со што се создаваат подобри услови за нивна инклузија, развој и достоинствен живот.
Дневниот центар е воспоставен од страна на Здружението за дислексија „Ајнштајн“ и Општина Кисела Вода, во рамки на проектот за подобрување на социјалните услуги на Министерството за социјална политика, демографија и млади, реализиран со поддршка од Светска банка.
Министерството за социјална политика, демографија и млади континуирано работи на развој и унапредување на социјалните услуги преку склучување управни договори со провајдери на социјални услуги, со цел услугите да бидат подостапни и поквалитетни за сите граѓани.
Во своето обраќање, заменик министерот Велковски истакна дека Министерството останува посветено на креирање инклузивен и достапен систем на социјална заштита, кој обезбедува еднакви можности и соодветна грижа за сите граѓани.