Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Велковски: Социјалните услуги мора да бидат достапни, квалитетни и приспособени на потребите на граѓаните

Велковски: Социјалните услуги мора да бидат достапни, квалитетни и приспособени на потребите на граѓаните

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денес се обрати на настанот „Социјалните услуги во РС Македонија – досегашни бенефити, развој и можности за унапредување“, организиран од Ресурсниот центар на родители на деца со посебни потреби.

Во своето обраќање, министерот Велковски се осврна на досегашниот развој на системот на социјални услуги, постигнатите резултати, но и на предизвиците и можностите за нивно понатамошно унапредување.

„Социјалните услуги се многу повеќе од институционална обврска. Тие се израз на солидарноста, хуманоста и одговорноста на едно општество кон секој свој граѓанин. Нашата определба е да градиме современ и достапен систем на социјална заштита, во кој поддршката ќе биде поблиску до човекот – во неговиот дом и во локалната заедница“, истакна министерот Велковски.

Тој посочи дека посебно значење има развојот на услугите помош и нега во домот, лична асистенција, живеење со поддршка, дневен престој, како и советувалишните и специјализираните услуги.

Овие услуги имаат особено значење за лицата со попреченост, старите лица и сите граѓани на кои им е потребна дополнителна поддршка, овозможувајќи им поголема самостојност, активно учество во заедницата и достоинствен живот. Истовремено, тие претставуваат значајна поддршка и за семејствата кои секојдневно се грижат за своите најблиски.

Министерот ја нагласи и важноста од развојот на социјалните услуги на локално ниво, преку партнерство со општините, граѓанските организации и лиценцираните даватели, со цел поддршката да биде достапна не само во поголемите градови, туку и во помалите општини и руралните средини.

Говорејќи за идните приоритети, Велковски истакна дека Министерството ќе продолжи со активности насочени кон унапредување на квалитетот на социјалните услуги, проширување на нивната достапност, јакнење на капацитетите на давателите и обезбедување стручен и мотивиран кадар.

Особено внимание ќе биде посветено на модернизацијата и дигитализацијата на системот, со цел поедноставување на пристапот до услугите, подобрување на координацијата меѓу институциите и поефикасно следење на нивниот квалитет. Истовремено, ќе продолжи јакнењето на партнерството со општините, граѓанските организации и сите даватели на социјални услуги, како важен предуслов за создавање функционална и одржлива мрежа на поддршка

„Вистинскиот успех на социјалните услуги не се мери само со административни резултати, туку со тоа колку сме успеале да му го олесниме животот на еден човек, да му обезбедиме поголема самостојност и да му дадеме поддршка на едно семејство. Нашата цел е да изградиме систем во кој услугите ќе се приспособуваат на потребите на граѓаните, а не граѓаните на ограничувањата на системот“, порача министерот Велковски.

Министерството за социјална политика, демографија и млади останува посветено на унапредување на системот на социјална заштита, развојот на социјалните услуги и создавањето услови за нивна поголема достапност, квалитет и одржливост, во интерес на сите граѓани.

Мени за пристапност