Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денеска се обрати на Третиот Форум на импулси „Заедно за детските права“, посветен на резултатите, научените лекции и идните заложби за унапредување на правата и благосостојбата на децата.
Во своето обраќање, министерот Велковски ја истакна важноста од континуирана институционална посветеност и заедничка работа со сите релевантни партнери, нагласувајќи дека унапредувањето на детските права бара координиран и долгорочен пристап.
Тој упати благодарност до Проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“ за досегашната соработка и партнерство, истакнувајќи дека со поддршка на проектот се реализирани значајни процеси во областа на детските права.
Како еден од најзначајните чекори беше издвоено усвојувањето на Националниот акциски план за правата на детето 2025–2029, кој претставува стратешка рамка за утврдување на приоритетите и активностите за унапредување на правата на децата во наредниот период.
Особено значајно, како што посочи министерот, е што во процесот на подготовка на Планот беа вклучени и самите деца. Нивните ставови, искуства и мислења беа земени предвид при креирањето на приоритетите и активностите.
„Политиките за децата треба да се креираат не само за децата, туку и со нивно активно учество“, истакна Велковски, нагласувајќи дека учеството на децата треба да продолжи и во следните фази од спроведувањето на Планот.
Во таа насока, Министерството, во соработка со Проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, работи на развивање инструмент за мониторинг на Националниот акциски план, кој ќе овозможи систематско следење на реализацијата на предвидените активности, идентификување на предизвиците и навремено преземање дополнителни мерки и поддршка.
„Следниот важен чекор е да обезбедиме Националниот акциски план да не остане само стратешки документ, туку да се следи неговото реално спроведување“, посочи министерот.
Велковски се осврна и на пошироките заложби на Министерството за подобрување на системот за заштита на децата, превенција на насилството, рано препознавање на ризиците и обезбедување соодветна поддршка и услуги за децата и семејствата.
Во овој контекст, тој ја истакна и важноста на активностите поврзани со Кампањата „1 од 5“, насочена кон подигнување на свеста и превенција на насилството врз децата. Притоа, нагласи дека покрај превенцијата, потребно е континуирано зајакнување на системот за навремено препознавање на ризиците и соодветно постапување кога детето е изложено на насилство.
Министерот посочи дека децата не треба да бидат само корисници на системот, туку и активни учесници во процесите што се однесуваат на нивниот живот, а нивниот глас треба да биде слушнат при креирањето и спроведувањето на политиките.
Третиот Форум на импулси „Заедно за детските права“ претставуваше можност за размена на искуства и отворена дискусија за постигнатото, предизвиците и следните чекори во областа на детските права.
На Форумот, министерот Велковски ја потврди посветеноста на Министерството да продолжи со унапредување на системот за заштита на детските права, во партнерство со институциите, меѓународните организации, граѓанскиот сектор и сите релевантни чинители.
„Со добра координација, заедничка одговорност и континуирана соработка, а пред сè со слушање и вклучување на децата, можеме да направиме значајни чекори кон создавање систем во кој секое дете ќе биде заштитено, слушнато и ќе има еднакви можности“, истакна министерот Велковски.