Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денеска, непосредно пред почетокот на новата учебна година, додели ранци и училишен прибор за околу 200 деца од Домот за деца „11 Октомври“ и СОС Детското село, обезбедени преку донација од општествено одговорна компанија.
Донацијата е конкретен пример дека хуманоста, солидарноста и општествената одговорност можат да направат вистинска разлика во животот на децата и да им овозможат со нова мотивација и самодоверба да ја започнат новата учебна година.
„Секое дете заслужува еднаква шанса. Без разлика каде расте и дали е згрижено во мал групен дом или во згрижувачко семејство, секое дете треба да чувствува дека е подеднакво важно, вредно и поддржано. Нашата грижа како институции не смее да биде само обврска, туку и човечка одговорност. Затоа особено ја цениме поддршката од општествено одговорните компании кои ја препознаваат потребата да бидат дел од создавањето подобри услови за децата“, истакна министерот Велковски.
Министерството за социјална политика, демографија и млади посветено работи на унапредување на грижата и поддршката за децата без родителска грижа, децата сместени во мали групни домови и децата згрижени во згрижувачки семејства, со цел секое дете да има сигурна средина за раст, развој и образование.
Во државата во моментов има над 380 згрижувачки семејства, во кои се згрижени околу 665 корисници, што ја покажува важната улога на згрижувачите во обезбедувањето сигурен и поддржувачки дом за децата на кои им е потребна грижа.
Грижата за децата е заедничка одговорност. Институциите, компаниите и целото општество имаат можност, секој во својот дел, да придонесат кон создавање еднакви можности за секое дете.
Министерството изразува благодарност до компанијата донатор за препознавањето на потребите на децата и за конкретната поддршка. Овој пример покажува дека кога општествената одговорност се претвора во дела, придобивката е најголема таму каде што е најпотребна – кај децата.