Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денеска оствари средба со Кристофер Левик, Регионален директор на Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД) за Европа и Централна Азија, на која беше разговарано за досегашната соработка и можностите за нејзино дополнително продлабочување.
На средбата присуствуваа и Дамир Незири, директор на ВФД за Западен Балкан, Дона Костуранова, директорка на ВФД во Северна Македонија, и Нами Исаки, програмски координатор.
Министерот Велковски ја истакна важноста на партнерството со ВФД, особено во областите поврзани со циркуларната миграција, дијаспората и повратниците, како и со создавањето услови за подобро искористување на економскиот, човечкиот и знаенскиот потенцијал на дијаспората за развојот на Северна Македонија.
„Младинската емиграција мора да ја разгледуваме и од аспект на демографските трендови, кои се од клучно значење за целокупниот социо-економски развој на државата и за креирањето на идните политики. Нашата цел е да создадеме услови младите да ја препознаат Северна Македонија како место во кое можат да го градат својот живот, да ги развиваат своите знаења и потенцијали и активно да придонесуваат кон развојот на државата. Младите и нивниот потенцијал се еден од главните столбови на иднината на оваа држава и затоа политиките за младите мора да бидат долгорочни, координирани и насочени кон конкретни резултати“, истакна министерот Велковски.
Во изминатиот период, МСПДМ активно беше вклучено во различни активности во рамки на програмата „Unlocking Sustainable Growth: A Systemic Approach to Circular Migration and Economic Investment in North Macedonia“, “(„Отклучување на одржливиот раст: системски пристап кон циркуларната миграција и економските инвестиции во Северна Македонија“)поддржана од Шведска. Соработката опфати учество во анализи и консултативни процеси, регионални студиски посети и размена на искуства со институции и организации од Србија, Албанија и Косово.
На средбата беше оценето дека досегашната соработка има континуитет и постепено се продлабочува, при што Министерството не е само учесник во поединечни активности, туку еден од клучните институционални партнери во процесот. Особено значајно е што стекнатите регионални искуства и препораки се разгледувани во национален контекст и поврзувани со приоритетите и мерките од Националната развојна стратегија.
Во разговорот беше нагласен координираниот институционален пристап во креирањето и спроведувањето на политиките поврзани со миграцијата, младите и дијаспората. Во тој процес, Министерството за социјална политика, демографија и млади е една од клучните институции, заедно со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Агенцијата за иселеништво, Министерството за економија и труд и другите релевантни институции. Заедничкото делување и подобрата меѓуинституционална координација се неопходни за создавање функционални механизми преку кои потенцијалот на младите, дијаспората и повратниците ќе биде ставен во функција на социо-економскиот развој на државата.
„За нас е особено важно секоја соработка со меѓународните партнери да носи конкретна додадена вредност за граѓаните и за институциите. Искуствата и добрите практики што ги разменуваме треба да ги преточиме во конкретни политики и мерки, особено кога станува збор за создавање подобри услови за младите, повратниците, за вклучување на дијаспората и за искористување на нејзиниот потенцијал во развојот на државата“, истакна министерот Велковски.
Министерството за социјална политика, демографија и млади останува посветено на продолжување и продлабочување на соработката со ВФД и со сите релевантни институции и партнери, со цел размената на искуства и експертизата да се претворат во конкретни политики и мерки, со јасна институционална одговорност и практична примена.