Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Велковски и Дрекслер: Продлабочување на соработката за младите и демографскиот развој

Велковски и Дрекслер: Продлабочување на соработката за младите и демографскиот развој

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денеска оствари средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија, Н.Е. Петра Дрекслер.

Разговорот беше насочен кон прашања од особено значење за иднината на земјата – унапредувањето на младинските политики, демографските предизвици, политиките за вработување и создавањето подобри услови за младите и семејствата.

Посебен акцент беше ставен на можностите за продолжување на соработката во областите поврзани со младите, како и на значењето на Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO). Станува збор за регионален механизам основан од шесте земји од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија – чија цел е преку младинска размена да се поттикнуваат соработката, помирувањето и меѓусебното разбирање меѓу младите во регионот.

Во рамки на разговорот беше истакната долгогодишната и континуирана поддршка од Германија за Северна Македонија, особено преку проекти и иницијативи насочени кон подобрување на условите за живот и развој на граѓаните.

Министерот Велковски истакна дека младите се еден од клучните приоритети на Министерството, со посебен фокус на нивното активно учество во креирањето на политиките, подобрувањето на можностите за образование и професионален развој и создавањето услови младите својата иднина да ја градат во Северна Македонија.

На средбата се разговараше и за можностите за соработка во областа на предучилишното образование, развојот на капацитетите на детските градинки, како и за концептот на збратимени градинки, како можност за размена на искуства и добри практики.

Соговорниците ја потврдија заедничката определба за продолжување на партнерството и реализација на идни иницијативи од заеднички интерес, со цел унапредување на младинските и демографските политики и создавање подобри перспективи за граѓаните.

Мени за пристапност