Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Велковски на 19-тиот состанок на Секторската работна група: Социјалните реформи, демографската отпорност и грижата за граѓаните се клучни приоритети на државата

Велковски на 19-тиот состанок на Секторската работна група: Социјалните реформи, демографската отпорност и грижата за граѓаните се клучни приоритети на државата

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, се обрати на 19-тиот пленарен состанок на Секторската работна група за образование, вработување и социјална политика, на кој беа презентирани стратешките приоритети на секторските политики, во насока на европската интеграција, како и плановите и мерките за надминување на актуелните предизвици во овие области.

Во своето обраќање, министерот Велковски истакна дека реформите во областа на социјалната политика, образованието и вработувањето претставуваат суштинска и долгорочна инвестиција во иднината на државата и во подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните.

„Нашата определба останува цврста: да изградиме инклузивно, праведно и економски стабилно општество, во кое секој има еднаква можност за развој, достоинствен живот и учество“, порача министерот.

Посебен акцент во обраќањето беше ставен на демографската политика како долгорочен национален приоритет. Во таа насока, министерот ги посочи финализирањето на Стратегијата за демографска отпорност 2026–2046, поддршката на родителството, подобрувањето на условите за децата и младите, како и унапредувањето на услугите за старите лица.

Говорејќи за реформите во системот на социјална заштита, Велковски ги презентираше предложените измени на Законот за социјалната заштита, со кои се предвидува подобар пристап до правата, посилна заштита на најранливите категории граѓани, поефикасен систем на гарантирана минимална помош и поголема отчетност на давателите на социјални услуги.

Како значајни новини ги посочи проширувањето на правата за лицата со попреченост сместени во згрижувачки семејства, подобрувањето на поддршката за згрижувачките семејства и младите без родители, како и зајакнувањето на заштитата и безбедноста на стручните работници во системот на социјална заштита.

Во делот на грижата за децата и раниот детски развој, министерот истакна дека во изминатите две години се обезбедени нови места за околу 2.000 деца, преку отворање на 23 објекти – детски градинки. Целта е до крајот на 2027 година да бидат отворени вкупно 36 нови градинки, со што ќе се зголемат капацитетите и достапноста на квалитетни услуги за децата во сите општини.

Дополнително, тој ја нагласи посветеноста на Министерството кон унапредување на инклузијата на децата со попреченост, децата Роми и децата од ранливи семејства, како и кон подготовката на Националниот акциски план за Европската гаранција за деца 2026–2030, кој ќе придонесе за подобар пристап на секое дете до образование, здравствена и социјална заштита.

Во фокусот на стратешките приоритети се и младинските политики, со акцент на зајакнување на институционалната соработка, поголемо учество на младите во процесите на одлучување и создавање конкретни можности за нивен личен и професионален развој.

Министерот се осврна и на унапредувањето на родовата еднаквост, економското зајакнување на жените и зајакнувањето на институционалниот одговор во борбата против родово базираното и семејното насилство. Во таа насока, ги посочи законските измени и подготовката на новата Стратегија за периодот 2027–2034 година и Акцискиот план за 2027–2030 година, со цел поефикасна заштита на жртвите и поголема институционална одговорност.

„Заедничка одговорност е да создадеме систем кој работи за граѓаните и нуди сигурност, можности и перспектива за секој поединец. Остануваме посветени на конкретни резултати и на унапредување на животниот стандард, во согласност со европските вредности и стандарди“, истакна Велковски.

На состанокот беше потврдена важноста на континуираната координација, партнерството и меѓуинституционалната соработка во спроведувањето на реформите, како предуслов за постигнување одржливи резултати и успешно исполнување на стратешките цели на државата во процесот на европска интеграција.

Мени за пристапност