Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани оствари средба со новата Претставничка на УНХЦР за Централна и Југоисточна Европа, со надлежност за Северна Македонија, г-ѓа Никол Ептинг. Страните разговараа за продлабочување на соработката и за заложбите на Република Северна Македонија во делот на интеграцијата на лицата под меѓународна заштита.
На средбата УНХЦР ги сподели клучните приоритети поврзани со Глобалниот форум за бегалци, a Министерството за социјална политика, демографија и млади во име на Владата ја потврди формална заложба за унапредување на институционалната рамка и инклузивните политики, доставена минатата година.
Министерот ги информираше партнерите дека изработката на Стратегијата за интеграција на лица под меѓународна заштита и странци е во тек – документ кој е важен дел од Националната развојна стратегија и реформите на патот кон ЕУ.
Лимани посочи дека Министерството останува фокусирано на исполнување на меѓународните и европските стандарди, како и на пристапот до домување, социјална и здравствена заштита, особено за децата без придружба.
УНХЦР ја потврди поддршката за зајакнување на интегративната рамка и во услови на глобални финансиски предизвици.
Страните изразија убеденост за продолжување на партнерската силна соработка во интерес на градење на хумано и инклузивно општество.