Државниот секретар во Министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу учествуваше на панел-дискусија организирана од EUSAIR, посветена на младинските политики како клучен столб за европската иднина на регионот. На настанот присуствуваа претставници на институции, организации и експерти од земјите на Јадранско-јонскиот регион, кои разговараа за предизвиците и можностите за унапредување на положбата на младите.
Во своето обраќање, државниот секретар истакна дека младинските политики не смеат да се сведат само на поединечни иницијативи и краткорочни мерки, туку потребни се системски и долгорочни решенија кои ќе создадат реални услови за развој, вклученост и перспектива за младите.
Посебен акцент беше ставен на развојот на младинските центри како функционални и достапни простори каде младите ќе можат да стекнуваат нови вештини, да ја поттикнуваат својата креативност, активно да учествуваат во општествениот живот и да креираат позитивни промени во локалните заедници.
Беше нагласено дека овие центри имаат значајна улога во зајакнувањето на младинското учество и градењето активни и одговорни генерации.
На панелот се дискутираше и за важноста на меѓуинституционалната соработка во креирањето инклузивни младински политики. Беше потенцирано дека младите мора да бидат директно вклучени во процесите на носење одлуки, а нивниот глас суштински да се вградува во законите, стратегиите и јавните политики.
Дополнително, беше истакната важноста од промовирање на европските вредности и зајакнување на регионалната соработка преку поврзување на младите од Северна Македонија со нивните врсници од Јадранско-јонскиот регион. Размената на искуства, идеи и добри практики претставува значаен чекор кон градење поинклузивно, поврзано и европски ориентирано општество.
Министерството за социјална политика, демографија и млади останува посветено на креирање политики и мерки кои ќе овозможат младите да добијат повеќе можности за личен и професионален развој, активно учество и квалитетен живот. Наш приоритет е создавање општество во кое младите ќе ја препознаат својата иднина овде, дома, како рамноправни и активни носители на позитивните промени.