Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Регионалната министерска конференција за демографски промени и градење отпорност во Скопје обедини претставници од околу 30 држави

Регионалната министерска конференција за демографски промени и градење отпорност во Скопје обедини претставници од околу 30 држави

Министерството за социјална политика, демографија и млади во партнерство со Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), на 7 и 8 мај 2026 година во Скопје, организира Регионална министерска конференција– „Предводење на промените: Патеки кон демографска отпорност согласно потребите на луѓето“. Истата е под покровителство на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски.

Конференцијата обедини  министри, високи владини претставници, меѓународни експерти од над 30 земји , како и претставници на ООН, Совет на Европа, Европска банка за обнова и развој и други меѓународни организации.

Централниот фокус е развивање заеднички одговори на длабоките демографски трансформации кои го обликуваат регионот на Источна Европа и Централна Азија.

Конференцијата ја отвори Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски. Во своето обраќање истакна:

„Свесни сме дека нискиот наталитет, иселувањето и одливот на млади и образовани луѓе се прашања што не можат да се решат преку ноќ. Но, исто така сме свесни дека државата не смее да стои настрана и пасивно да ги набљудува процесите. Нашата определба е јасна — наместо политика на страв, градиме политика на отпорност. Наместо краткорочни мерки, создаваме долгорочна стратегија. Наместо декларативни заложби, поставуваме системски решенија. Токму затоа ја подготвивме новата Стратегија за демографска отпорност 2026–2046. Не како формален документ што ќе остане на хартија, туку како национална рамка за иднината на државата. Оваа стратегија е изградена врз едноставна, но суштинска идеја — дека најголемата сила на една држава не се ресурсите, не се бројките, туку луѓето. Таа не се темели на изолирани мерки и ад хок политики. Таа претставува сеопфатен пристап што ги поврзува економијата, образованието, здравството, трудот, социјалната политика, домувањето, дигиталната трансформација и регионалниот развој,“ порача Мицкоски.

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани изрази голема благодарност до сите присутни кои со своето учество придонесуваат во креирањето на посилни механизми за градење на одржливи решенија за демографска отпорност.

„Концептот на демографска отпорност станува сè поважен. Таа значи способност на општествата да ги препознаат, прилагодат и да управуваат со демографските промени, преку политики што ги ставаат луѓето и нивните права во центарот. Земајќи предвид дека развојот на сеопфатна демографска политика е наш стратешки приоритет, нашата визија е насочена кон градење општество што инвестира во човечкиот капитал. Посветени сме на поддршка на семејствата, унапредување на заштитата на децата, развој на социјални услуги, и во еднаквите можности за сите,“ истакна Лимани.

Тој упати повик за заедничка акција, споделување на знаење и координирани решенија што ќе ги поврзат регионите и ќе создадат одржливи можности за сите генерации.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски се осврна на принципите на Агендата 2030, согласно која целта е изградба на  отпорно, инклузивно и просперитетно општество, кое ќе создава можности, а не причини за заминување.

„Од аспект на надворешната политика, нашата дијаспора претставува огромен потенцијал и природен мост меѓу нашата држава и светот. Таа ги поврзува луѓето, економиите, знаењето и новите можности. Токму затоа, преку новата Стратегија за соработка со дијаспората 2025–2030, сакаме да изградиме поцврсти и подинамични врски со нашите граѓани во странство. Нашата амбиција е да излеземе од рамката на традиционалните дознаки и да создадеме долгорочни инвестициски и развојни партнерства. Нашите граѓани низ светот веќе играат важна улога во отворањето нови пазари, привлекувањето инвестиции и зајакнувањето на меѓународната позиција на државата“, рече Муцунски.

„Демографската отпорност е важна затоа што значи инвестирање во луѓето денес, со цел секој да може да живее достоинствен и продуктивен живот утре", рече Пио Смит, помошник генерален секретар на ОН и заменик-извршен директор на УНФПА, Фонд за население на Обединетите нации.

Рита Колумбија, постојан координатор на ООН во Северна Македонија, во своето обраќање посочи:

„Демографските предизвици на Северна Македонија бараат итна акција - инвестирање во младите, вклучување на оние кои се запоставени и обезбедување еднакви можности за секоја жена и маж. Заштитата на човековите права на сите луѓе не е прашање на избор; таа е темелот на демографската отпорност. Кога ќе го постигнеме ова, го забрзуваме напредокот кон Целите за одржлив развој и градиме траен национален просперитет.

Дводневната конференција има за цел да ја насочи регионалната дебата од „демографска загриженост“ кон „демографска отпорност“ – преку политики базирани на докази и човекови права, кои ги зајакнуваат луѓето и ги прават општествата поприлагодливи  и поинклузивни.

Учесниците ќе работат на дефинирање на заеднички патоказ за политики што ќе овозможи градење одржливи економии и општества, подготвени да одговорат на демографските промени и да го искористат својот најголем потенцијал – луѓето.

Мени за пристапност