Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, заедно со претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски и градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, официјално ја пуштија во употреба доградбата на објектот „Сончогледи“, во состав на ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија.
Со реализацијата на овој проект се обезбедуваат услови за згрижување на дополнителни 142 деца, со што вкупниот капацитет на објектот достигнува 314 деца. Доградбата е финансирана од буџетот на Министерството за социјална политика, демографија и млади, а истовремено се обезбедени и сите неопходни согласности за вработување на потребниот стручен кадар.
Ова е четвртата детска градинка што се става во функција во текот на оваа година, како дел од континуираните активности за проширување на капацитетите за предучилишно згрижување на децата на ниво на државата.
Министерството продолжува активно да работи на намалување на листите на чекање за упис во градинките, изградба и доградба на нови објекти таму каде што постои реална потреба, како и на зајакнување на човечките ресурси преку вработување стручен кадар.
Грижата за децата и инвестирањето во современи, безбедни и квалитетни услови за нивно згрижување остануваат меѓу највисоките приоритети на Министерството и Владата.