Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, заедно со претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски и градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, го поставија камен-темелникот на новата детска градинка во населбата Дексион.
Новата установа за згрижување деца ќе има капацитет за 120 деца и ќе опфаќа површина од 900 м², а се реализира со финансиска поддршка преку Потпрограмата АА. Со изградбата на трите нови градинки – во Дексион, Стопански Двор и Ново Село – капацитетот за згрижување деца во општината значително ќе се зголеми, обезбедувајќи над 300 нови места.
Во моментов, само на подрачјето на Град Скопје се градат и адаптираат 16 нови детски градинки, кои ќе обезбедат повеќе од 2.100 дополнителни места за најмладите. Низ целата територија на државата, во фаза на изградба се наоѓаат вкупно 40 објекти, што претставува значаен исчекор кон создавање поквалитетни услови за секое дете.
Министерството продолжува да инвестира во подобра иднина, со јасна цел-секое дете во државата да има сигурно, достапно и квалитетно место за згрижување.