Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денеска одржа работна средба со градоначалници и претставници на општините, посветена на актуелниот Јавен повик за добивање грант за проширување на капацитетите на установите за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст. Јавниот повик ќе трае до 30 септември 2026 година.
Средбата, која се одржа во Клубот на пратениците во Скопје, беше организирана во рамки на Вториот проект за подобрување на социјалните услуги, со цел општините да се запознаат подетално со можностите што ги нуди Јавниот повик, начинот на аплицирање и достапната поддршка при подготовката на проектните апликации.
На средбата беше истакнато значењето на искористувањето на неискористените училишни и општински простории, кои преку реновирање, адаптација и опремување можат да бидат пренаменети во простории за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст.
Министерот Велковски посочи дека проширувањето на капацитетите на детските градинки е важен приоритет, особено во средините каде што постои недостиг од места за згрижување на децата.
„Нашата цел е да создадеме услови секое дете да има пристап до квалитетни услуги за згрижување и воспитание, а истовремено да им помогнеме на општините да ги искористат постојните простории и ресурси. Со овој повик создаваме можност неискористените простории да добијат нова функција и да се претворат во современи и функционални простори за децата“, истакна министерот Велковски.
Во рамки на работната средба беа презентирани општите насоки за аплицирање, условите и можностите што ги нуди Јавниот повик, како и начинот на кој Проектната единица ќе им обезбеди поддршка на општините во процесот на подготовка на апликациите.
Министерството останува посветено на унапредување на системот на социјални услуги и создавање еднакви можности за сите деца, преку зголемување на достапноста и квалитетот на услугите за згрижување и воспитание во предучилишна возраст.
Со заедничка соработка со општините, Министерството продолжува да вложува во создавање подобри услови за раст, развој и благосостојба на најмладите.