Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Министерот Велковски на средба со претставници на Турската Црвена полумесечина и Црвениот крст на Република Северна Македонија

Министерот Велковски на средба со претставници на Турската Црвена полумесечина и Црвениот крст на Република Северна Македонија


Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, оствари средба со претседателката на Турската Црвена полумесечина, проф. д-р Фатма Мерич Јилмаз и други претставници од организацијата  и Црвениот крст на Република Северна Македонија, на која беше потврдена заемната подготвеност за продлабочување на соработката во областа на социјалната заштита.

На средбата беше поздравено потпишувањето на Меморандумот за разбирање и соработка во областа на социјалните услуги меѓу Северна Македонија и Турција, кој го потпишаа министерот Велковски и министерката за семејство и социјални услуги на Република Турција, Махинур Оздемир Гокташ.

Притоа, беше нагласено дека Меморандумот не претставува само документ, туку и обврска добрите искуства и знаења да се преточат во конкретни решенија од кои придобивки ќе имаат граѓаните.

Беше изразено задоволство од досегашната соработка со Црвениот крст на Република Северна Македонија и Турската Црвена полумесечина, како и отвореност за нови заеднички активности насочени кон унапредување на социјалните услуги.

На средбата посебно внимание беше посветено на демографските предизвици со кои се соочуваат двете земји, како што е стареењето на населението, но и на потребата од создавање подобри услови за младите.

Соговорниците се согласија дека не може да се зборува за демографијата само преку бројки. Затоа, потребно е да се создадат услови младите да останат во својата држава, да работат, да напредуваат и да ја градат својата иднина дома.

Велковски истакна дека токму размената на искуства и заедничката работа со меѓународните партнери можат да придонесат кон креирање поефикасни социјални политики.

„Нашата цел е јасна – посилна социјална заштита, поквалитетни услуги и повеќе можности за младите. Затоа, од големо значење се партнерствата, споделувањето на знаењето и искуствата, но и преточувањето на истите во конкретни резултати“, истакна Велковски.

Мени за пристапност