Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Одбележан Меѓународниот ден на младите со доделување на Наградите за младинско учество за 2026 година

Одбележан Меѓународниот ден на младите со доделување на Наградите за младинско учество за 2026 година

По повод Меѓународниот ден на младите – 12 Август, вчера вечер  беа доделени Наградите за младинско учество за 2026 година, со кои се оддава признание на младите, младинските организации и поединците кои со својата активност, иницијативи и посветеност придонесуваат за позитивни промени во заедницата.
Настанот беше организиран од Министерството за социјална политика, демографија и млади во партнерство со Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Обраќајќи се пред присутните, министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски истакна дека младите не треба да се гледаат само како иднина на општеството, туку како негов важен и активен дел денес.
„Кога ги слушаме младите, создаваме подобри политики. Кога ги вклучуваме во процесите на одлучување, носиме поквалитетни одлуки. А кога вложуваме во нив, вложуваме во иднината на целото општество“, порача министерот Велковски.
Тој нагласи дека Министерството останува посветено на создавање услови во кои младите ќе имаат простор, доверба и можности активно да учествуваат во општеството.
„За нас младите не се само корисници на политики – тие се наши партнери во нивното креирање. Нашата цел е секој млад човек да има можност да учи, да се развива, да работи, да создава и да ја гради својата иднина токму овде, во својата држава“, истакна Велковски.
Во рамки на настанот беа доделени награди во повеќе категории, со кои се препознаваат различни форми на младинско учество и активизам.
Во категоријата „Младински организации, организации на млади и чадор младински организации“, наградата му припадна на здружението „Млади од семејна разновидност“, за нивната работа со млади од различни семејни средини, како и за придонесот во создавањето поинклузивно општество преку психосоцијална и правна поддршка, подигање на јавната свест и борба против дискриминацијата.
Во категоријата „Неформални групи на млади“, наградата им беше доделена на „Зелени Пионери“ од Битола, кои преку иницијативите „Еко Розе“ и „Еко Виа“ работат на повторна употреба и рециклирање на текстилен и друг отпад. Во текот на 2025 и 2026 година, нивните активности опфатиле повеќе од 450 млади лица.
За првпат годинава беше доделена и Наградата за партнери на младите во категоријата „Службеници за млади“, со која се препознава улогата на професионалците во институциите кои создаваат мост меѓу младите и институциите и придонесуваат нивните идеи да се преточат во политики и конкретни активности. Наградата му беше доделена на Владимир Смилевски, службеник за млади во Општина Велес.
Добитник на Наградата за младинско учество за 2026 година во индивидуална категорија, која оваа година е посветена на младите и безбедноста –  Андреј Рајатоски. Во оваа категорија се препознаваат младите кои придонесуваат кон превенција на насилството, градење мостови меѓу заедниците и создавање побезбедни, покохезивни и поотпорни заедници.
Од Националниот младински совет на Македонија беше посочено дека, и покрај постоењето на законска рамка и механизми за младинско учество, останува предизвикот од формалното кон суштинско учество на младите.
„Не само да им кажуваме на младите дека ги слушаме, туку тоа да се гледа во одлуките, политиките, можностите и буџетите што ги создаваме“, беше порачано од Ивона Кузмановска Претседател на НМСМ. 
Сузан Пенкса, Заменик шеф на Мисија на ОБСЕ во Скопје порача дека младите не се пасивни набљудувачи, туку „незаменливи партнери во унапредувањето на мирот и безбедноста“, при што институциите имаат заедничка одговорност да создадат отворени, сигурни и инклузивни механизми за нивно суштинско вклучување и учество.
Преку проектот „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“, поддржан од Фондот на Обединетите нации за градење на мирот, УНДП работи со младите, општините и институциите на зајакнување на младинското учество, а младинските службеници ги поддржува преку обуки, вмрежување и размена на искуства.
„На Меѓународниот ден на младите, оваа награда не е само признание за еден исклучителен поединец, туку и за нешто многу поголемо. Таа ја истакнува важноста од инвестирањето во младите и градењето институции кои вистински ги слушаат, поддржуваат и охрабруваат,“ порача Ана Чернишова, Заменичка на постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации.
Министерството за социјална политика, демографија и млади останува посветено на унапредување на младинското учество и на создавање услови во кои младите ќе бидат активни чинители во процесите на креирање политики и носење одлуки.
Силни млади значат силно, инклузивно и просперитетно општество.
Министерството упатува честитки до сите добитници и номинирани и благодарност до сите млади кои со своето знаење, енергија, време и посветеност придонесуваат за подобри заедници и позитивни промени во нашата држава.

Мени за пристапност