Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Министерот Ѓоко Велковски изврши увид во изградбата на новата детска градинка во Општина Гази Баба

Министерот Ѓоко Велковски изврши увид во изградбата на новата детска градинка во Општина Гази Баба

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, заедно со градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, изврши увид во изградбата на новата детска градинка што се гради помеѓу населбите Маџари и Керамидница.

При увидот беше констатирано дека градежните работи се одвиваат согласно предвидената динамика. Изградбата на новата градинка претставува значајна инвестиција насочена кон создавање подобри услови за згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст.

Новата детска градинка ќе има капацитет за 150 деца и ќе се простира на површина од 1.360 квадратни метри. Објектот ќе располага со вкупно 10 занимални, од кои две за јаслена возраст и осум за деца на возраст од две до шест години, организирани на приземје и еден кат.

Вредноста на проектот изнесува 147 милиони денари, средства обезбедени преку вториот повик на Владата, а рокот за негова реализација е 18 месеци.

Покрај оваа градинка, на територијата на Општина Гази Баба се градат уште две нови детски градинки. Со нивното завршување, општината ќе обезбеди доволен капацитет за згрижување на сите деца, со што целосно ќе се елиминираат листите на чекање.

Министерството за социјална политика, демографија и млади останува посветено на унапредување на мрежата на детски градинки и создавање услови секое дете да има пристап до квалитетно предучилишно згрижување и воспитание. Инвестициите во најмладите претставуваат инвестиции во иднината на државата и се важен дел од политиките за поддршка на младите семејства и подобрување на демографската слика.

Во соработка со Владата и единиците на локалната самоуправа, Министерството ќе продолжи да реализира проекти што обезбедуваат подобри услови за децата, поголема сигурност за семејствата и посилна иднина за сите граѓани во државата.

Мени за пристапност