Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, во присуство на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, заменик министерот Ѓоко Велковски, градоначалникот на Општина Гази Баба, Боби Стефковски, пратеници, советници и граѓани, присуствуваше на отворање на нов објект за предучилишно воспитание и образование во населено место Трубарево, Општина Гази Баба.
Во своето обраќање пред јавноста Лимани истакна дека овој чин не претставува само отворање на нов објект - туку отворање нови можности за најмладите - децата, нова поддршка за семејствата и претставува уште една потврда дека кога институциите работат посветено, резултатите се видливи.
„Со оваа градинка обезбедуваме најсовремени услови за згрижување, воспитување и ран детски развој за околу 60 деца. Но, не станува збор само за бројки. Станува збор за 60 семејства кои добиваат поголема сигурност, за 60 детски насмевки и за 60 нови можности за правилен почеток во животот. Нашата цел е јасна – да нема дете кое ќе остане без пристап до квалитетна предучилишна грижа поради недостиг на капацитети. Затоа, инвестираме во нови градинки, во проширување на постојните капацитети и во унапредување на условите за работа на стручниот кадар,“ истакна Лимани.
Тој ја нагласи одличната соработка со Општина Гази Баба, која што во изминатиот период, работеше на три нови градинки, од кои денес се става во функција едната од нив. Дополнително, информираше тој, веќе е започната постапката за уште една нова градинка во рамките на оваа општина. Ова значи обезбеден капацитет за околу 340 нови деца само во оваа општина.
„Министерството останува силен партнер на секоја локална самоуправа што има јасна намера да инвестира во децата, семејствата и подобриот квалитет на живот.Нашата обврска е да создаваме услови во кои младите семејства ќе гледаат перспектива, а децата ќе растат безбедно, среќно и со еднакви можности за развој,“ порача Лимани.