Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, во присуство на Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, заменик министерот Ѓоко Велковски, в.д градоначалникот на Општина Карпош, Неделчо Крстевски, пратеници, советници и граѓани, присуствуваше на започнување со градба - камен темелник на нова детска градинка во Општина Карпош.
Во изјава за медиуми , министерот Лимани истакна дека изградбата на новата градинка е уште една потврда дека инвестициите во децата се инвестиции во иднината на државата.
„Наш приоритет како Министерство е секое дете да има пристап до квалитетна предучилишна грижа, безбедна средина и еднакви можности за развој. Владата и Министерството континуирано вложуваат во проширување на капацитетите на детската заштита, затоа што сакаме да ги намалиме листите на чекање и да создадеме современи услови во кои децата ќе растат, ќе учат и ќе ги развиваат своите потенцијали,“ истакна Лимани.
Тој потенцираше дека, изградбата на нови капацитети е согласно најсовремени стандарди, целосно инклузивни што е дел од заложбата на оваа Влада, изградба на општество со еднакви можности за сите.
Инвестицијата за новиот објект е 137,2 милиони денари, обезбедени со поддршка од Владата на Република Северна Македонија.
Новата градинка ќе има капацитет за 130 деца, седум занимални, сензорна соба, зелена кровна тераса и уреден надворешен простор за игра и рекреација.
Министерот информираше дека, градинките кои се во тек на изградба и дел од нив ќе се отворат до крајот на оваа и следната година (2026/2027) ќе обезбедат нови 3500 места.
„Ќе продолжиме да ги поддржуваме општините во реализацијата на вакви капитални проекти, бидејќи силната детска заштита, достапните градинки и поддршката на семејствата се клучни за демографскиот развој и за подобра иднина на нашите најмлади граѓани,“ порача Лимани.